Младите германци невработени како врсниците од Македонија
Младинските синдикати од балканот, Германија и Австрија денеска споделија искуства за подостоинствена работа во очи на Светскиот ден на достоинствена работа, 7ми Октомври.
Помалку работни часови, повеќе време со своите семејства, поголема плата, поголема можност за професионално усовршување. Сигурно ви звучи познато. Ова е веројатно сонот со кој секој млад македонец го започнува своето стручно образование. Но овие неколку убави желби не се само наши, туку се желби на сите млади насекаде низ светот. А светот во обидите да стигне до достоинствена работа, најпрво морал да се бори за своите работнички права. За прв пат, организирано и македонската младина се приклучува кон таа мисија, го одбележа, Светскиот ден на достоинствена работа, 7ми Октомври.
„Ние со нашите пријатели оваа година сме домаќини во Охрид на земјите од југоисточна Европа или земјите од поранешните Југословенски републики како и нашите гости од ДГБ и УГБ од Германија и Австрија. Го одбележуваме овој ден притоа спроведувајќи одреден семинар за пристојна работа и подобрување на положбата како на младите луѓе, така и на сите работници од Република Македонија.“-вели Саша Иванов, од Секцијата на млади при Комитетот на слободни синдикати на Македонија.
Одбележувањето на овој ден е всушност иницијатива на Меѓународната конфедерација на синдикати, а Фридрих Еберт фондацијата е движечката сила на проектите за достоинствена работа во овој регион.
„Оваа иницијатива е покрената пред четири години каде дојдовме до заклучок дека треба да се развие еден вид на дијалог помеѓу младите од југоисточна Европа како и претставниците од синдикатите од Германија и Австрија. Оваа година за прв пат ни се приклучи и УГБ, сојузот на синдикати од Австрија.“-рече Емилија Грујиќ-Координатор на Фридрих Еберт фондацијата за Југоисточна Европа.
Програми кои им помагаат на младите да бидат конкурентни на пазарот на трудот изработува и Комитетот на млади од Паневропското регионално тело.
„Со своите активности бараме достоинствена работа не само за младите туку и за сите вработени во светот. Свесни сме дека околу 75 милиони млади ширум светот се без работа и со самото тоа апелираме и праќаме порака до сите надлежни институции и Влади како на регионално така и на меѓународно ниво да се преземат адекватни мерки за решавање на ова исклучително важно прашање.“-изјави Ивана Прњат-Координатор на Паневропското координативно тело.
Ниту во Европската унија условите не се подобри, барем според примерот со нашите пријатели од Словенија.
„Да бидам малку циничен, би рекол дека во борбата за достоинствена работа, многу млади сега во тој контекст се борат само за работа. Затоа што многу од нив се плашат да воопшто размислуваат за достоинствена работа. Кога ќе ги погледнеме бројките во ЕУ, некаде околу 5.400.000 млади до 25 години се без работа и таа бројка само расте. Така да овие бројки покажуваат некоја страотна ситуација на апатија кај младите кои не знаат што да прават за да добијат работа.“-вели Горан Лукиќ од Словенскиот сојуз на слободни синдикати.
Се разбира никој не би помислил на Германија кога се споменува невработеноста, но Удо Вајсванге од Германскиот сојуз на синдикати вели дека и младите германци се соочуваат со истите проблеми.
„Резултатите кои се уште пострашни се однесуваат на младите луѓе кои се наоѓаат во таква ситуација да не знаат дали по завршувањето на нивната професионална стручна обука и образование, воопшто ќе најдат работа, дали фирмите во кои се на пракса во рамките на образованието воопшто ќе ги вработат. Не знаат дали можат да се впуштат во пронаоѓање на некаков стан и да основаат семејство.“-изјави Удо Вајсванге од Германскиот сојуз на синдикати.
Инаку, 7ми Октомври, Светскиот ден на достоинствената работа во Република Македонија се одбележува за прв пат.
{loadposition content9}