Пукнатината на ѕидот на Долни сарај се повеќе се шири
Охриѓани повторно го актуелизираа проблемот со распуканиот ѕид на Долни сарај. Тие бараат Завод и музеј под итно да интервенира. Од таму пак објаснуваат дека се е во рацете на Министерството за култура.
Пукнатината на ѕидот на Долни сарај кој се наоѓа према езерото се повеќе се шири. Со тоа секојдневно се зголемува опасноста од одрони врз куќите на граѓаните од овој дел од градот како и врз случајните минувачи кои шетат по Мостот на желбите. Реакциите на охриѓани стигнаа и до нашата редакција. Апелираат надлежните што поскоро да превземат нешто. Од Завод и музеј велат дека проблемот им е добро познат. Нивни екипи уште пред неколку години направиле увид и констатирале дека има оштетување на ѕидот од камен па затоа вклучиле статичар и изработиле проект кој има добиено позитивна стручна контрола и конзерваторско одобрение од Управата за заштита на културното наследство. Веќе две години конкурираат за добивање средства од Министерството за култура. Во прашање се 3мил. и 300 000ден. Со парите кои се очекува да се добијат од министерството ќе се санираат сите пукнатини на ѕидот и ќе се реконструираат скалите кои постоеле од порано. Со тоа од платото од сарајот ќе се слегува до езерото. Директорката на Завод и музеј, Тања Паскали Бунташеска очекува договорот со Министерството за овој проект да биде потпишан на крајот на февруари или почетокот на март идната година.
Во најдобар случај санацијата на опасниот ѕид ќе започна напролет. Бидејќи следува период во кој може да има обилни врнежи на дожд па и на снег поради што може да дојде до одрони и лизгање на земјиштето од Завод и музеј планираат да постават една заштитна мрежа како не би дошло до некои несакани последици.
{loadposition content9}