Локалната си ги бара паркинзите назад
Ќе се раскинува договорот за стопанисување со паркинзите помеѓу ЈП Билјанини Извори и концесионерот „Сузуки“.
Локалната самоуправа си ги сака паркинзите назад. Ќе се раскинува договорот помеѓу ЈП Билјанини Извори и концесионерот “Сузуки“. Предлог одлуката за раскинување на договорот пред советниците ќе се најде на следната седница на совет. Ова за ТВМ го потврдија од локалната самоуправа. Во отсуство на градоначалникот кој е на службено патување, портпаролот Симон Илиевски објасни кои се следни чекори на локалната.
„Локалната самоуправа како сопственик најверојатно на следната седница ќе донесе нова одлука за расинување на договорите за одреден дел на паркинзи, а понатаму во законски опредена процедура со нив ќе стопанисува локалната самоуправа, ќе се донесат соодветни решенија за распишување на тендери, јавно приватно партнерство и други законски форми кои што се и како и досега со една голема надеж дека со паркирањето во Охрид, ќе придонесеме за подобри услови на граѓаните и побезбедно одвивање на сообраќајот“, вели портпарол на локална самоуправа, Симон Илиевски.
Илиевски додава дека во одлуката која ќе биде точка на дневниот ред ќе биде определено за кои паркинзи ќе се раскинува договорот. Според него градоначалникот и стручната служба во локалната за сообраќај се одлучиле на овој чекор со цел на подрачјето на општина Охрид, безбедно да се одвива пешачкиот и сообраќајот со моторни возила.
Портпаролот додава дека локалната често во текот на летото барала помош и од полицијата за оние кои ги прекршувале правилата и кои паркирале на места на кои не е предвиден паркинг, со што ги нарушувале условите за безбедно изведување на сообраќајот.
„Ние на седницата на советот ќе видиме што предлга општината. Ако предлогот е прифатлив за граѓаните ќе го подржиме, а ако е неприфатлив ќе гласаме против“, вели претседателот на ОК на ВМРО ДПМНЕ, Атанско Михаилов.
„Се потврдува тоа што ние како политичка партија и како советничка група она што го тврдевме постојано, а тоа е дека в Охрид стопанисувањето со паркинзите е поставено на погрешни законски основи, дека е штетно за градот Охрид и дека е на штета за туристите кои доаѓаат во Охрид. Сообраќајниот хаос посебно со паркирањето летово го покажа сето тоа, а ова е знак дека општината признава дека летово една од причините поради кои имавме лоша сезона беше и хаосот кој го направија и со паркирањето. Во Охрид има ЈП и за тоа тие земаат плати. Зошто јавното претпритие не стопанисува треба да одговори градоначалникот колкави средства се слеваат во џебовите на тие што им ги дадоа паркинзите пак треба да одговори градоначалникот“,вели претседател на ОК на ВМРО ДПМНЕ, Атансако Михаилов.
Издавањето на најатрактивните паркинзи во градот под концесија го следат контроверзи уште од самиот почеток. Само три дена по потпишувањето на договорот цената на пркинг услугата без одлука на Совет се зголеми од 30 на 50 ден а навечер на некои места дури и по 100 денари, за што граѓаните јавно негодуваа. Реакции имаше и од такси компаниите и дистрибутерите кои само за да поминат меѓу двете рампи на плоштадот плаќаа како да паркирале.
Последна капка која ја прелеа чашата беа поплаките до СВР особено од таксистите кои обвинија дека концесионерот има привилигиран однос кон својата такси компанија а на штета на останатите. Од Свр неодамна побарале од локалната отстранување на металните рампи со кои се регулира паркирањето во центарот на градот.
{loadposition content9}