Добивте 3-4 решенија за радиодифузна такса? Без паника, грешка е!
Доколку и вас ви се случило истото, тогаш за тоа треба да ја известите Македонската радиотелевизија.
Деновиве охриѓани, но и сите граѓани во републикава, како гром од ведро небо ги погоди еден несекојдневен проблем. Спротивно на законот за радиодифузна дејност, на нивните адреси наместо една сметка по домаќинство, ги дочекаа две, три или повеќе сметки за радиодифузна такса, буквално за сите членови во семејството. Едно охридско семејство со кое разговаравме ни кажа дека дури подготвуваат и претставка до Уставниот суд на Македонија.
За среќа и на охриѓани, и на сите граѓани на државава, по увидената состојба, со соопштение се произнесе и корисникот на средствата од радиодифузната такса, односно јавното претпријатие Македонска радиотелевизија. Тие објаснуваат дека станува збор за грешка направена поради ажурирањето на базата на податоци на обврзниците за радиодифузна такса кои произлегуваат од промените на имињата и броевите од улиците. Иако станува збор за грешка, сепак и граѓаните не треба да седат со скрстени раце. Доколку на вашата адреса пристигнале повеќе од едно решение за радиодифузна такса или пак сте добиле решение со неточни податоци и други недоследности, тогаш од Македонската телевизија апелираат да ја направите следната постапка:
„За сите исправки граѓаните можат своите барања во врска со решенијата за радиодифузната такса да ги достават по пошта на следнава адреса: ЈП Македонска радио телевизија, Одделение за радиодифузна такса Бул. Гоце Делчев бб 1000 Скопје или да се јават на следниве телефони: 02 55 11 796; 02 55 14 447 или 02 55 14 435.“-соопштуваат од македонската телевизија.
Барањата со забелешки може да се достават и до регионалните дирекции, даночни одделенија и даночни шалтери и контакт центарот на Управата за јавни приходи.
Во нивното соопштение уште стои: „Македонската радио телевизија им се извинува на граѓаните кај кои се појавени одредени пропусти во врска со решенијата за радиодифузната такса и се надева дека за настанатите пропусти во врска со новиот Регистер на обврзници за радиодифузна такса, граѓаните на Република Македонија ќе имаат разбирање.“
Да се надеваме дека во иднина нема да ни приредуваат вакви шокови.
{loadposition content9}