Манифестацијата „Водици 2013“ со почесен строј и охридска гарда
Здружението „Богојавление“ интензивно се подготвува за манифестацијата „Водици 2013“. Со повеќе новини ќе се привлекуваат гости и надвор од земјава. Проблемите кои се појавија помеѓу членовите на здружението „Богојавление“минатата година се надминати и сега се функционира како што треба.
На манифестацијата „Водици“ да има почесен строј и охридска гарда. Ова е идеја на здружението „Богојавление“ која датира уште од поодамна, но досега не е реализирана. Потпредсадателот на ова здружение, Митко Пендов вели дека заедно со Министерството за култура и Локалната самоуправа имаат намера да распишат конкурс за униформа на охридска гарда која ќе биде препознатлива и ќе ги содржи симболите на Охрид низ вековите. Оваа гарда би се користела и за други манифестации кои ќе се одржуваат во градов. Ова здружение подготвува и други новини со кои ќе привлече гости не само од државава туку и од странство. Годинава ќе се обидат да влезат во Гинисовата книга на рекорди со рибната чорба која ќе се готви вториот ден, на денот на рибарите. Досегашниот рекорд е 3 тони и 20 кг, а аплицирано е за 3 и пол тони рибна чорба. Пендов вели дека годинава се повеќе од сигурни дека ќе го соборат рекордот. Тие се ангажирани и околу работите на подигањето на споменикот посветен на овој празник. На распишаниот конкурс бил пријавен само еден автор, затоа е распишан нов со цел да има повеќе идејни решенија од кои ќе се избере најдоброто, вели Пендов. Тој додава дека до крајов на годинава ќе се одбере идејното решение за споменикот, а за наредната година тој ќе биде и изграден. Објаснува дека проблемите кои се појавија помеѓу членовите на здружението „Богојавление“ минатата година и тоа непосредно пред празникот се надминати и дека сега се функционира како што треба, а подготовките за манифестацијата 2013 течат без никаков проблем.
До 3 декември ќе се прибират понудите за новиот кум на „Водици 2013“. Досега се пристигнати три апликации. Еден од апликантите е охриѓанец, другиот е штипјанец, а третиот скопјанец. На 4 Декември, на Пречиста ќе се одлучи кој ќе биде новиот кум на оваа манифестација. Во текот на овој месец ќе се формира и новиот организационен одбор во кој ќе бидат вклучени структури од сите сфери на општественото и културното живеење. Целта е една, вели Пендов. Да направиме манифестација која ќе излезе од државни рамки и да привлечиме што повеќе гости во тие два дена, а Охрид да живее како среде туристичка сезона.
{loadposition content9}