И Локалната свечено го пушти патниот правец Лескоец-Скребатно
Градоначалникот Петрески ја пресече црвената лента потенцирајќи дека во овој патен правец, локалната има вложено над милион евра.
Локалната самоуправа на општина Охрид, предводена од градоначалникот, Александар Петрески, како дел од чествувањата по повод 7ми Ноември, Денот на ослободувањето на Охрид, денес свечено го отвори патниот правец Лескоец-Скребатно. Градоначалникот Петрески, пред Лесковчани ја пресече црвената лента на овој пат кој минува низ самото село и води до излетничкото место Скребатно. Ова е второ свечено отворање на истиот патен правец за период од месец дена. Првиот пат, него свечено го пушти во употреба владината делегација по повод Денот на револуционерната борба, 11 Октомври. Петрески пак вели, ова е вистинското отворање бидејќи во него учествуваат оние кои најмногу инвестирале во него, а тоа се локалната и граѓаните на Охрид.
„Тоа е наш проект, од општина Охрид со кој ние учествувавме во Европската банка за обнова и развој и каде што ни се одобри тој проект. Го имаме донесено на седница на Советот на општина Охрид затоа што комплетно проектот е наш како општинна. Единствено во целава оваа работа Македонија пат, Агенцијата за патишта т.е Владата на Република Македонија се јавува како гарант на тој кредит, затоа што ние не можеме и ако некој има минимална политичка култура, требаше да ги ускладиме овие работи или да ме повикаат на отворањето и да го отвориме тоа заеднички.“-рече градоначалникот Петрески.
Петрески уште еднаш запраша зошто не бил известен за претходното свечено отворање организирано од Владините претставници, кога на сите други отворања, до премиерот стојат градоначалниците на општините во кои се наоѓаат.
„Јас секогаш сум бил отворен и секогаш сум за соработка, меѓутоа за соработка секогаш требаат двајца. Тие очигледно не сакаат да соработуваат со мене. Јас немам што друго освен да си ја терам мојата работа.“-вели Петрески.
Настрана од политиката, градоначалникот Петрески, на сите граѓани им го честита 7ми Ноември, Денот на ослободувањето на Охрид, истакнувајќи притоа дека ова се празници кои треба да ги обединуваат граѓаните, а не да ги делат.
{loadposition content9}