Skip to main content

Ретроспективна изложба на поетот на стакло

Теофил Дамјаноски, сликар кој го носи епитетот поет на стакло, со ретроспективна изложба.

 |  Валентина Неловска  | 
Damjanoski
Damjanoski

Теофил Дамјаноски, сликар кој го носи епитетот поет на стакло, со ретроспективна изложба. По повод 7-ми Ноември Денот на  ослободувањето на Охрид, Дамјаноски  пред своите сограѓани  го  изложи својот творечки опус. Ликовниот уметник  во изминативе 55 години создал бројни слики кои пленуваат и ги воодушевуваат луѓето.

Сликите на Теофил Дамјаноски имаат карактеристичен ликовен печат. Тој е меѓу првите уметници кој започнал да слика на стакло покрај останатите ликовни техники.  На почетокот од негoвото творештво слика на стакло и тоа архитектура , пејсажи, човечки фигури, вода.  Мотивите на уметнички дела на Дамјаноски се проткаени со хедонизам и радост кон животот и природата.
izlozba
„ Сликите на стакло се посебна импресија, со сјајот на боите, Тоа  е тешка техника затоа што се работи на задната страна на стаклото и долго време го користев како материјал за работа, потоа преминав на платно. Стаклото е чувствителен материјал може да се оштети  или скрши“, вели сликарот Дамјаноски.  

Ретроспективната изложба на Дамјаноски  е заокружување на неговата пребогата антологиска ликовна ризница. Од неговата прва самостојна изложба во далечната 1960 година на која се појавил со 17 експонати, на оваа негова најнова  изложба  се презентирани  45 слики.  
 Славко Упевче,  академски сликар  и промотор на изложбата вели  „ специјалност на Теофил Дамјаноски  е најтешката сликарска техника, масло на стакло, која во ликовните кругови во Македонија е многу ретка. Тоа е техника која најголем процут имала во наивното сликарство на Хлебанската школа во Хрватска.“

Ликовното творештво на  Дамјаноски се одвива паралелно и со неговата педагошка работа. Цели 40 години од својата работа ги поминал како ликовен педагог во ОУ „Св. Климент Охридски“. Под неговото педагошко влијание во Охрид работат и творат  познатите сликари Славко Упевче, Александар Патчев, Благоја Ламбески, Љупчо Цветкоски.

Јубилејната изложба 55 години творечки опус е поддржана од Министерството  за култура, а охриѓани може да ја погледнат до средината на ноември.  

{loadposition content9}