Skip to main content

Охрид доби електронска продавница за продажба на рачни изработки

На оваа интернет страница своите производи можат да ги нудат сите занаетчии.

 |  Мишел Наумоски  | 
racni izrabotki web strana
рачни изработки веб страна

Изработки од дрво, резби, икони, орнаменти, декорации, охридски бисери, накит, филиграни. Ова се само дел од прекрасните рачни изработки кои охридските занаетчии можат да им ги понудат на туристите, биле домашни или странски.

racni izrabotkiОд денес, и официјално ваквите рачни изработки се достапни насекаде низ светот со само еден клик на вашето глувче. www.macеdonian-handicrafts.mk e веб страната на првата интернет продавница за рачни изработки во Охрид, а втора во државава.

„Идејата е да се промовира занаетчиството како гранка која што е во изумирање, односно е слабо застапена во Македонија, и можност за промовирање на македонското занаетчиство како во Македонија, така и во странство.“-вели менаџерот на Macedonian Handicrafts, Мишко Ѓоршески.

Оваа интернет продавница е дел од проектот на Министерството за информатичко општество за отворање на 52 вакви специјализирани продавници во Македонија.

„Тука ќе се продаваат и охридски бисери, веќе има и изработка на длабокорези, икони и традиционални носии коишто се веќе поставени на веб страницата и се надевам дека ова ќе биде уште еден стимул за сите занаетчии да ја продолжат да ја негуваат таа традиционална гранка, да ја негуваат бидејќи со користењето на интернетот, со користењето на новите технологии, нивните производи ќе можат да бидат достапни до било кој граѓанин ширум светот.“-рече Министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски.

internet prodavnica racni izrabotkiЕден од познатите охридски занаетчии, Анастас Дуданоски смета дека оваа веб страница или интернет продавница е начин за љубителите на рачните изработки да можат по електронски пат да го купат она дело кое им оставило впечаток.

„Ова е една нова, современа можност и во нашиве краеви конечно така да стигне, да можеме да продаваме преку интернет. Секако долги години соработуваме и сме посетени од голем број на странци и љубители на рачни изработки, на уметности кои што се заборавени или кои што се доста вредни и трајни.“-изјави Дуданоски.

Инаку оваа интернет продавница macedonian handicrafts засега има околу четириесеттина изложени производи, но оваа бројка, секако во иднина ќе се зголемува. Покрај веќе споменатите изработки, од менаџментот на оваа веб страна најавуваат и продажба на рачно изработени музички инструменти, традиционални но и со модерни изработки.

{loadposition content9}