Згасна уличното осветлување во Струга
Локалните власти смируваат, велат дека тоа е поради мал дефект, и деновиве се работи на негово отстранување.
Неколку улици во Струга деновиве останаа без улично осветлување. Не станува збор само за улиците каде сеуште се врши замена на старото улично осветлување со ново, туку темно е и на влезот од градот и на неколку фрекфентни улици, каде веќе се поставени новите штедливи светилки. Првиот човек на градот Рамиз Мерко, признава дека постои проблем, но исто така вети дека за кратко време истиот ќе биде надминат.
„Тоа не е по вина на приватниот партнер туку да речеме во наводници кажано вината е во општината бидејќи на неколку места треба да се отстранат старите бандери и да се стават нови, тоа се прави, денес веќе се ставаат подлогите може да видите.“-вели градоначалникот Рамиз Мерко.
Без струја неколку дена остана и раскрсницата на магистралниот пат Струга – Дебар-Охрид-Ќафасан. Тоа е поради мал дефект, појаснува Мерко.
„Се случи мал дефект каде што беше ископано при што се оштети кабелот, истиот се сервисира и уште денес проблемот е надминат. Исто така со поставување на новогодишните светилки направена е штета, но истите ќе бидат сервисирани.“-рече Мерко.
За уличното осветлување се грижи фирмата „Сити лајт“ од Струга, која е задолжена за изградба, изведба и реконструкција. Оваа фирма со Локалната самоуправа за оваа дејност има потпишано договор на 12 години. По се изгледа приватниот партнер ќе се соочи со голем обем на работа бидејќи бандерите во Струга наменети за електрично напојување каде се гледаат многу испреплетени кабли не се користат само за нивната вистинска намена.
{loadposition content9}