Пожар во Бит пазар уништи шест дуќани
Пожарот што избувна на скопски Бит пазар започнал од колонијална продавница и се проширил на другите дуќани.
Пожарот што избувна на скопски Бит пазар започнал од колонијална продавница и се проширил на другите дуќани.
Во продавницата каде што избувнал пожарот можеа да се видат остатоци кои доста лесно горат.
Огнот го забележале лицата кои го обезбедуваат пазарот и веднаш пријавиле во противпожарната служба.
Утрово местото на пожарот беше обележано со полициски ленти, а истражните органи вршеа увид на самото место.
Дел од пазарот утрово немаше струја, но тезги има како и секој ден, а пазарџиите работат.
Трговецот Џафир Четовиќ, кој изнајмувал еден од дуќаните што изгореа во пожарот, вели дека продавал текстилна стока, којашто не му била осигурана.
„Ние ги изнајмуваме дуќаните од Скопски пазар. Тие може да ги имаат осигурано дуќаните, но ние ја немаме осигурано стоката. Кириите се високи, а промет има сé помалку. За една тезга киријата е околу 300 евра, а за дуќан околу 500 евра. Не остануваат пари за осигурување. Има денови кога не можеме ни сефте да направиме. Порано имаше работа, но сега сé помалку“, вели Четовиќ чиј дуќан во неделата не работел.
Причините за пожарот сé уште не се познати, но можно е пожарот да избувнал од електрична инсталација.
Од противпожарната единица велат дека не дозволиле пожарот да се прошири. Kога стигнале на местото, дуќаните и покривот веќе биле зафатени од огнот. Интервенирале со 14 противпожарни возила и со 35 пожарникари, а утрово пожарот беше локализиран.
{loadposition content9}