Брежанци немаат линиски превоз
Нема линиски превоз до Брежани, се жалат мештаните на ова охридско село. Услови има, патот е асфалтиран до сред село вели брежанецот Цветко Суклоски, кој се обрати до нашиот медиум, сметајќи дека неговиот апел ќе го слушнат надлежните и ќе го решат проблемот.
Брежани има добра земја, здрава вода и убава природа, но нема линиски превоз до ова село. Сместено е во крајниот југоисточен дел на Дебрца, оддалечено од Охрид 32 км. До Брежани се стигнува од Ботун, па патот врви низ селата Белчишта, Лешани и Велмеј. Брежанецот Цветко Суколоски се обрати до нашиот медиум и упати апел до надлежните, барем еднаш неделно да им организираат превоз до селото. Вели дека патот до сред село е асфалтиран а комбе оди само до Велмеј, кое е на 6 километри од Брежани. Тој додава дека во селото останале 20 тина мештани кои обработуваат земја и хранат стока, но им недостига превоз, бидејќи по два саати оделе пеш до Велмеј за да дојдат до превоз за Охрид и обратно.
„Има стари луѓе да дојде барем еднаш доктор, како што оди во Велмеј секој ден да дојде да прегледа и да препише лекови, нема ништо од тоа се е умрена работа. Ние сме умрени не закопени. Можам да ве одвезам со мојата кола да видите дека патот е добар. Ако се можи да ни помогни некој“ – вели Суклоски.
Градоначалникот на Дебрца Љупчо Којчиноски, затекнат од проблемот. Но сепак покажа интерес и вети дека на брежанци ќе им обезбеди превоз.
„Треба да дојдат на еден состанок да се договориме за терминот кој ден еден ден во неделата. Јас веќе разговарав со превозникот се сложи за да оди нема проблем, само да договориме, тие предлагаат понеделник кога е пазарен ден или во петок. Порано имаше еднаш една таква линија“ – рече Којчиноски.
Останува да видиме каков ќе биде епилогот на овој проблем, и дали брежанци сепак ќе добија превоз како што вети Којчиноски.
{loadposition content9}