Децата згрижени во објектите на градинката Јасна Ристеска здраво се хранат
Родителите можат да бидат спокојни. Децата згрижени во објектите на градинката Јасна Ристеска здраво се хранат. Квалитетот на храната еднаш месечно го контролира Агенцијата за унапредување на домаќинството од Скопје, а го контролира и Центарот за јавно здравје.
Децата згрижени во објектите на градинката Јасна Ристеска здраво се хранат, вели директорката Марина Петровска Тодороска. Храната ги задоволува сите стандарди и нормативи пропишани за храна за деца од предучилишна возраст. Оброците се свежи и квалитетни, а не се користат никакви месни преработки како паштети, виршли, салами и др., додава таа.
Со оглед на тоа дека во последно време квалитетот на млекото во голема мера ја разбранува јавноста, од градинката смируваат дека млечните производи кои се конзумираат таму се со највисок квалитет. Директорката вели дека нема причина за никаков сомнеж или дилема кај родителите што јадат и пијат нивните деца кои се згрижени во оваа предучилишна установа. Во оваа установа се користи битолското млеко, а тоа ги задоволува критериумите за квалитет, вели Тодороска.
Квалитетот на храната која се дава во градинката Јасна Ристеска еднаш месечно го контролира Агенцијата за унапредување на домаќинството од Скопје, а го контролира и Центарот за јавно здравје. Се земаат примероци од храната која се конзумира во тековниот ден и се проверува нејзиниот квалитет, но и нутриционстичката вредност. Извештајот од ЦЈЗ за нутриционистичката вредност на храната која се давала во градинките во текот на минатата година е позитивен. Инаку, во градинката децата ако се во полудневен престој имаат доручек и ручек, а ако се во целодневен имаат доручек, ручек и ужина. Менито се прави за цел месец однапред, а храната мора да биде свежа, тазе подготвена и разновидна. Само за пример, денес децата за доручек имаа намаз на леб од риба кој се подготвува во кујната и чај, за ручек, ќофте во доматен сос, салата од зелка и морков и сок, а за ужина чокобисквит и млеко. Менито е поставено на огласната табла која се наоѓа во холот од градинката, па секој родител доколку сака може да види што јадело неговото дете. Директорката вели дека во градинката е воведен ХАСАП системот и дека воопшто нема потреба од никаква загриженост кај родителите што се однесува до квалитетот на храната и нејзината подготовка.
{loadposition content9}