На кои локации бесплатно ќе се лепат изборни плакати?
Која партија, на која локација ќе се рекламира, ќе се одлучува со ждрепка.
Локалната самоуправа ги одреди локациите на кои политичките партии односно кандидатите за градоначалници и членови на советот ќе можат бесплатно да се рекламираат. Одредувањето на овие локации е обврска на секоја локална самоуправа согласно Изборниот законик. Општина Охрид за оваа намена ги определи истите локации кои за оваа намена се употребуваа и во минатите изборни циклуси.
Станува збор за три локации, и тоа просторот пред гимназијата „Свети Климент Охридски“, бетонските огради кај полигонот за мали спортови, како и лимените огради кои што се поставени околу хотелот Палас.
„Локалната самоуправа ќе му издаде налог на Јавното претпријатие „Охридски комуналец“ исто како и изминатите години, да ги допостави оние табли кои што ги немаат, кај Гимназијата и кај хотелот Палас, и потоа врз основа на ждрепката ќе бидат определени просторите, кој дел од тој простор за бесплатно рекламирање, која партија ќе го употребува. Ќе го запазиме рокот и тоа сето ќе биде сторено до 4ти Март.“-вели портпаролот на локалната самоуправа на општина Охрид, Симон Илиески.
Сите политички партии односно кандидати за градоначалници и членови на советот ќе имаат подеднакво простор за бесплатно рекламирање.
Инаку општините можат да утврдат и дополнителни места за истакнување на изборни плакати со надоместок, при што средствата кои ќе бидат прибрани на ваков начин, по завршувањето на изборите општината треба да ги употреби за отстранување на сметот направен за време на изборната кампања. Организаторот на изборната кампања е должен во рок од 30 дена по завршувањето на изборите, да го отстрани сметот од плакатите. Секако вакви изборни плакати не смеат да се истакнуваат на објектите каде што се наоѓаат гласачките места.
{loadposition content9}