Сојузот за иднината најави натпревар на идеи и потенцијали
Од здружената опозиција велат дека иако листите се поднесени со задоцнување, сепак изборот на личностите бил направен демократски и едногласно.
Сојузот на иднината или здружената опозиција ги презентираше кандидатот за градоначалник како и кандидатите за советници во идниот општински совет. Од здружената опозиција децидни дека дваесет и тројцата кандидати за советници на нивната листа се избрани демократски и едногласно наспроти сите шпекулирања во јавноста.
„Натпревар на идеи, натпревар на аргументи и на потенцијали“-најави проф. д-р Јован Стојаноски, носител на листата на советници.
Тој истакна дека мора да се истрае во определбата Охрид да се гради по принципите по кои досега се градел. Најави чесна и достоинствена изборна кампања.
„Принципите по коишто ќе се раководиме во понатамошниот натпревар за освојување на што е можно повеќе гласови од страна на нашите граѓани, ќе бидат пред се принципите на љубов, а не на омраза, принципите на почит и искажување на доверба кон сите граѓани на нашиот град, без одредено напаѓање и без користење на јазикот на омразата. Сакаме да победиме со љубов, со гордост, со почит кон сите граѓани на градот Охрид, не да изградуваме бивалентни принципи во кои што ќе му дадеме право на едните да се чувствуваат дека се наши, а на другите да се чувствуваат како да се од другата страна.“-вели носителот на листата со кандидати за советници, професор д-р Јован Стојаноски.
Проф.д-р Стојаноски додаде дека нема да користи навредливи зборови за своите противници во текот на кампањата, но и побара од медиумите јавно да обелоденат доколку тоа биде сторено.
Листата составена од доктори на науки, економисти, професори, бизнисмени, сите успешни и признаени во своите дејности, според актуелниот и кандидат за иден градоначалник на Охрид, Александар Петрески е вистински погодок.
„Јас цврсто стојам на ставот дека досега во историјата на Охрид, поубава листа, подобра листа не е составена. Јас на тоа цврсто стојам, Охрид конечно доби најдобра листа како што има избрано и најдобар градоначалник, исто така и овојпат на Охрид му нудиме и најдобар градоначалник, а исто така и најдобра листа која ќе работи во интерес на граѓаните.“-рече актуелниот и кандидат за иден градоначалник, Александар Петрески.
Од здружената опозиција, најавија сигурно добивање на изборите, но и бескомпромисно и беспоштедно работење за доброто на Охрид и за доброто на граѓаните.
{loadposition content9}