СДСМ и ВМРО – ДПМНЕ сепак заеднички ќе настапат во Струга
Управниот суд во Скопје ја уважи жалбата на струшките социјалдемократи кои се официјален подносител на заедничката советничка листа.
Жалбата на подносителот на заедничката советничка листа на СДСМ и ВМРО – ДПМНЕ, Струга, се уважува. Ова е одлуката на судот со која се поништува решението не ОИК од Струга, со кое доцна синоќа беше отфрлена заедничката советничка листа.
Во тужбата од подносителот на листата СДСМ Струга, било укажано на неправилностите во постапката при донесувањето на решението на ОИК Струга, затоа што Комисијата ја донела оспорената одлука без притоа да има предвид дека ДИК претходно веќе констатирала повлекување на листата на ВМРО – ДПМНЕ. Судот не го прифатил ставот на ОИК дека 13 те кандидати на ВМРО – ДПМНЕ наведени во заедничката листа која што ја отфрлиле, биле веќе пријавени на друга листа. Инаку како што информиравме, одлуката на струшката ОИК да не ја прифати заедничката листа предизвика огромен револт и незадоволство во редовите на струшката СДСМ и ВМРО – ДПМНЕ.
И едните и другите одлуката на Комисијата ја отценаа како невиден преседан и очекуваа Управниот суд позитивно да се произнесе по нивната жалба.
Џингис Хани претседателот на ОИК од Струга, за ТВМ, претходно денеска изјави дека нема никакви законски прекршувања од нивна страна, но не сакаше да коментира зошто не ја зеле предвид Одлуката на повисокото тело ДИК, со која беше потврдено повлекувањето на листата советници на ВМРО – ДПМНЕ.
Но сега целата драма која што се одвиваше синоќа и денес околу судбината на заедничката советничка листа e надмината и на 24 март СДСМ и ВМРО ДПМНЕ заеднички ќе настапат во Струга.
{loadposition content9}