Министерот за здравство во посета на Општата болница Охрид
Комплетно се завршени градежните работи на една од најголемите капитални инвестиции во здравството не само во Охрид туку и во поширокиот регион, истакна министерот Тодоров.
Министерот за здравство Никола Тодоров во посета на новиот болнички блок од Охридската општа болница. Тој објасни дека Охрид и Македонија ќе добијат здравствен објект, изграден по најновите стандарди во делот на медицината, објект кој треба да овозможи сериозно подигнување на квалитетот на здравството како во Охрид така и во поширокиот регион.
„Од градежен аспект болницата се заврши за отприлика 9 месеци и ова е прв здравствен објект, почнат и завршен од една влада, во независна Република Македонија, а втор е вкупно, првиот е Гинекологија во Скопје кој се градеше 12 години и кој исто така се заврши со оваа Влада“ потенцираше Министерот за здравство.
Ова ќе биде најсовремена болница во РМ, имајќи во предвид фактот дека се користени сите најсовремени стандарди во неговата изградба, но и во поглед на организација и функционирање на една болница, потенцираше Министерот Тодоров. Покрај финансиската заштеда која ваков енергетско ефикасен објект овозможува, истиот ќе овозможи и максимална заштита од интрахоспитални инфекции кои се еден од најголемите проблеми во секој здравствен систем. Др. Никола Бакрачески истакна дека во разговорите со менаџментот на болницата и Министерството за здравство постојана е заложбата овој нов објект да добие соодветен стручен кадар.
„Набрзо во оваа болница ќе пристигнат кадри коишто, ќе бидат ангажирани и во редовно работно време, и ќе едуцираат кадар во делот на гинекологија, посебно во лапараскопска онкологија, она што мал број болнички комплекси во МК го имаат во делото на лапараскопска хирургија и секако во усвојување на нови техники и методи
во урологијата зошто како што знаете ние во Охрид ги имаме едни од најдобрите кадри во Урологија и во тој сегмент и понатака ќе инвестираме и вложуваме“ објасни Др. Никола Бакрачески.
Она што останува во овој објект да се доврши е поставувањето на мебелот, кој веќе е нарачан, од кој еден дел веќе е пристигнат во болницата додека еден дел пристигнува во деновите кои претстојат, а тоа се болничките кревети и операционите маси треба да пристигнат за десетина дена и да се монтираат во операционите сали.
{loadposition content9}