Порака Нова ги крши бариерите меѓу општеството и лицата со Даунов Синдром
Денес на Светскиот ден на Дауновиот Синдром, потенцираат дека ова се лица кои сакаат да се дружат, да учат, да бидат вклучени во социјалниот живот.
Да се отстранат заблудите, граѓаните да се информираат и да знаат што е тоа Даунов синдром и кои се потребите на лицата со оваа состојба.
Ова беше целта на денешните активности кои ги спроведе струшкиот центар за подобрување на квалитетот на живот на лицата со интелектуална попреченост „Порака Нова“. Анита Гаговска, проект менаџер во оваа невладина организација, вели дека се работи интензивно на информирање на јавноста дека Дауновиот синдром не е болест, туку состојба која не е пренослива, а дека лицата со оваа состојба се лица кои сакаат да се дружат, да учат, да имаат пријатели, квалитетно образование, вработување.
„Секојдневно се работи, сите ние како организации кои работиме на оваа проблематика, сите ние на некој начин допринесуваме популацијата и општеството да допринесат на некој начин и јавната свест да стане поголема, така да сметам дека во овие последни неколку години во Струга се направи драстична промена во начинот на размислување кај граѓаните во поглед не само на лицата со Даунов Синдром туку и на сите лица со интелектуална попреченост.“-вели проект менаџерот во Порака Нова, Анита Гаговска.
Гаговска додава дека досега лицата со Даунов синдром, но и останатите лица со некаква интелектуална попреченост кои се во нивниот центар се добро згрижени, за што добиваат и општинска помош.
„Многу интензивно работиме на собирање на средства затоа што знаеме дека граѓанските организации се во глобала оставени на себе и не се профитни организации, така да мора сами да се снаоѓаат за средства. Нашата општина имаше слух за лицата со посебни потреби и последниве 5 години, ова е веќе 6та година, дава, одредува одредена сума од буџетот за финансирање на дневниот центар, а другите проекти кои ги работиме, другите активности се претежно финансирани од проекти од Европската унија.“-рече Гаговска.
По повод 21 Март, Светскиот ден на Дауновиот Синдром, штитениците на Центарот „Порака Нова“, кои ја имаат оваа состојба , но и на стружани им поделија флаери со информативни содржини за Дауновиот Синдром, односно какви се лицата со Даунов Синдром, со какви развојни проблеми се соочуваат, како треба да бидат третирани целиот свој живот.Дел пак од вработените во центарот, денес ќе учествуваат и на трибина за Дауновиот Синдром на Филозофскиот факултет во Скопје.
Инаку Генералното собрание на ОН, во Декември 2011 година го прогласи 21ви Март за Светски ден на Дауновиот Синдром.
{loadposition content9}