Трајкоски најави сигурна победа на ДПМНЕ во Дебрца во вториот круг
Тој рече дека неговата програма за развој на Дебрца била целосно посветена на граѓаните, додека неговиот опонент, Којчиноски не изговорил ниту еден збор во кампањата.
Иако доживеа минимален пораз со разлика од 61 глас во првиот круг, Игор Трајкоски, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Дебрца задоволен од постигнатото. „Им честитам за храброста на моите дебрчани што прв пат по децентрализацијата во Дебрца гласаа за да победи духот за подоброто.“-изјави Трајкоски.
Тој рече дека фактот што се оди во втор круг на гласање во Дебрца е доказ дека таму може да се оствари нова власт за подобра Дебрца.
„Би сакал да им изразам благодарност на сите кои во Игор Трајкоски, неговиот тим и во советничката група на ВМРО-ДПМНЕ препознаа политичка сила која што ќе треба во наредните четири години да носи одговорност за Дебрца, за развој и приклучување кон современите и напредните општини. Ние целата кампања ја посветивме на граѓаните, презентирајќи ја програмата, презентирајќи ги проектите кои се во интерес на Дебрца. Противкандидатот не се појави, не проговори ниту еден единствен збор, не одговори на ниту едно прашање за промашените негови 16 години.“-вели кандидатот за градоначалник на Дебрца од ВМРО-ДПМНЕ, Игор Трајкоски.
„Од Мешеишта, Климештани, Требеништа, Волино, преку Ботун, до Белчишта и Велмеј, па горе се до Лактиње, Врбјани, граѓаните ќе изгласаат за нови дела и нова подобра Дебрца.“-порача Трајкоски , уверен дека на 7ми Април ќе оствари сигурна победа.
„Како општина и јас како градоначалник, веднаш по победата ќе започнеме процес на остварување блиски релации со новата локална самоуправа и новиот градоначалник на општина Охрид за да оствариме заеднички проекти, заеднички идеи, заеднички инвестиции од кои придобивка ќе имаат сите жители на Дебрца. Дебрца не е отсечен регион, не смее да остане како транзит зона за нечии бензиски пумпи, Дебрца ќе ја врзиме со Охрид на секој можен начин за да учествува во одлуките и проектите и да го почувствува новото време и економското зајакнување.“-изјави Трајкоски.
Инаку, како што рече Трајкоски, овој изборен резултат е најдобар резултат кој ВМРО-ДПМНЕ го има остварено во Дебрца во изминатите 16 години.
{loadposition content9}