Никола Бакрачески ја презеде градоначалничката функција
Д-р Никола Бакрачески денеска официјално ја презеде градоначалничката функција.
На пригодна свеченост и со примопредавање на уверението за четиригодишниот мандат за градоначалник на Охрид, Никола Бакрачески денес и официјално седна во градоначалничката фотелја. Како што е редот, новиот градски татко заедно со екс градоначалникот Александар Петрески утрово во кабинетот го испија првото утринско кафе при што разменија мислења за обврските кои ги има општината и Јавните Претпријатија, начинот на нивното функционирање како и за предизвиците со кои во иднина ќе се соочуваат новиот градоначалник и општинската администрација. Во своето прво обраќање од општинската говорница градоначалникот Никола Бакрачески изјави дека е подготвен да се соочи со предизвиците и обврските кои ги презеде од неговиот претходник.
„Предизвиците се сериозни и многу. За некои ќе треба време да се решат, за некои месеци и години и за некои и повеќе од еден мандат. Чекорењето и патот ќе бидат многу стрмни“, градоначалникот на Охрид, д-р Никола Бакрачески.
„21. 004 гласови се одраз на она што граѓаните го препознаа во нашата опција како реалност, како квалитет и капацитет за проектите кои ги понудивме и ќе ги реализираме, но во исто време беа одраз на револтот што граѓаните го имаа кон досегашното работење на овој состав на локалната самоуправа“, истакна градоначалникот. Тој додаде дека 21 .004 гласови се одраз на победата на граѓаните и Охрид , тие се толку тешки колку што е тешка и одговорноста која што произлегува од тие гласови“ , додаде Бакрачески.
„Колку е поголема и послатка тежината на победата од овие 21.004 гласачи, толку е потешка и одговорноста која произлегува од нив, затоа што граѓаните очекуваат промени во Охрид, затоа што граѓаните го дадоа својот глас и очекуваат да го реализираме она што ние им го ветивме. Токму затоа, од денеска ќе побарам од сите граѓани на Охрид да ветат дека ќе чекорат кон иднината на Охрид“, истакна Бакрачески.
Денешниот свечен чин на примопредавањето на градоначалничката функција во и пред општинската зграда го следеа многу граѓани но и вработени во Општинската администрација. Сите тие на Бакрачески му посакаа добредојде. До стапувањето на оваа функција, доктор Бакрачески беше директор на Заводот за кардиоваскуларни заболувања Свети Стефан во Охрид.
Инаку досегашниот градоначалник Александар Петрески на заминување од општинската зграда не даде изјава за медиумите. Неофицијално дознаваме дека по 8 години поминати на функцијата градоначалник Петрески се враќа на старото работно место како администратор во ЈП Охридски Комуналец.
{loadposition content9}