Современа земјоделска механизација преку ИПАРД програмата
Стружани се информираа за можностите на ИПАРД програмата за развој на руралните подрачја.
Современа опрема и механизација, изградба на нови фарми. Ова се само дел од можностите кои ги нуди ИПАРД програмата за развој на руралните подрачја и земјоделие. За капацитетите кои ги нуди оваа програма, струшките земјоделци се информираа на средбата која тие ја имаа со Агенцијата за финансиска подршка на руралниот развој и земјоделие.
Целта на оваа средба, според претставниците од Агенцијата е поблиску да ги запознаат граѓаните и да овозможат поголема искористеност на фондовите кои се нудат за развој на руралните подрачја. Токму искористеноста на средствата од ИПАРД програмата досега претставуваше голем проблем, најмногу поради неинформираноста на граѓаните за можностите кои таа ги нуди.
„Секогаш дополнително информирање оди во прилог на зголемување на апликациите и зголемување на искористливоста на финансиите, значи таму нема лимит. Секогаш тоа може да биде дополнително, може да има само позитивен ефект, тоа едуцирање на граѓаните за можностите кои што им се нудат преку овие програми.“-рече Кирил Тодоров од Агенцијата за финансиска подршка на рурален развој и земјоделие.
На оваа средба, граѓаните добија информации и за последните измени во ИПАРД програмата кои се однесуваат на развој на руралните подрачја. Пари за купување најсовремена механизација, за изградба, а не само за реновирање на пластеници и оранжерии, обнова на млекарници, фарми, преработувачки капацитети во месната индустрија, како и за изградба, а не само за реновирање на објекти за рурален туризам, се дел од измените на ИПАРД програмата.
Нивната имплементација ќе стартува со следниот јавен повик што треба да биде објавен во јуни годинава. Инаку овие измени се направени со цел зголемување на бројот на апликации за добивање на средства од оваа програма, која барем досега бележеше слаба искористеност на расположливите средства.
{loadposition content9}