Секс симбол, епитет или навреда?
Ако прашате некого кој е најголемиот секс симбол во филмскиот свет во минатото веројатно поголемиот дел од луѓето ќе одговорат Мерилин Монро.
Ако прашате некого кој е најголемиот секс симбол во филмскиот свет во минатото веројатно поголемиот дел од луѓето ќе одговорат Мерилин Монро.
Филмската индустрија направи жените да се поврзуваат со етикетата на секс симбол, но работите несомнено се сменија почнувајќи од појавата на Бред Пит па навака и од тогаш постои рамноправност меѓу половите во поглед на здобивањето со оваа етикета.
Само што се појави еден проблем, веројатно непредвиден. Одеднаш сите се обидуваат да се дистанцираат од етикетата, како тоа да е навреда. Кога стана толку страшно да се биде убав и згоден?
Пред месец дена Кристина Хендрикс и приговори на една новинарка која ги потенцираше нејзините облини, преку кои Хендрикс реално го доби вниманието на публиката и кои ги истакнува во секоја можна прилика. Ако реалноста е таква, зошто Хендрикс реагира кога ќе се спомене нејзиниот сексапил?
Повеќето од актерите кои денеска ги прогласуваат за секс симболи не знаат ниту сакаат да се носат со тој епитет. Последен од низата актери кои се бунтуваат против тоа да им се лепат етикети е шведскиот актер Александар Скарсгард чии разголени сцени во серијата „True Blood“ привлекоа еден куп женска публика.
„Јас сум актер, а не секс симбол“ – изјави Скарсгард во своето последно интервју. Но, тој е само капка во морето. Џони Деп секогаш се изненадува кога ќе го прашаат како се чувствува во улогата на секс симбол, додека пак Бред Пит намерно почна да се запоставува себеси изолирајќи се од совршената слика која се создаде за него затоа што му досади да го доживуваат како убаво лице, а не како талентиран актер.
Излезе дека мажите се далеку посуетни кога станува збор за оваа етикета. Не сакаат да бидат посочувани како актери кои добиваат улоги затоа што имаат совршени стомачни мускули и убаво лице. Тоа пак отвори друго прашање. Зошто никогаш немало толкав отпор од страна на жените?
Несомнен факт е дека ретко ќе наидете на интервју од актерка која одбива да ја прифати етикетата на секс симбол. Анџелина Џоли, која е симбол за тоа што значи да се биде секс симбол на 21-от век, никогаш немала против да биде нарекувана така, па дури и бираше улоги кои одговараа на таа етикета. Жените во секој случај многу подобро се носат со етикетата, иако на пример Скарлет Јохансон ќе ви рече дека почнала да ги фрла сценаријата кои и ги праќаат затоа што речиси сите почнуваат со „таа се бања гола под тушот“.
Тука има и голема доза на лицемерие. Во суштина, без разлика дали сте маж или жена во филмскиот свет и изгледате добро, со сигурност ќе снимите филм или серија која ќе вклучи сцени со голотија. Всушност, ако прочепкате по почетоците на било кој актер, односно актерка кои ги нарекуваат секс симболи ќе наидете на прилично жешки улоги.
Некои од нив ја прифатија реалноста и го прифаќаат фактот дека сексапилот им бил ас во ракавот, нешто за што повеќе од останатите „би убиле“. Другите, не знаат да се носат со тоа и мислат дека е навреда. Никој не сака отворено да признае што е најголемата причина зошто не сакаат да бидат нарекувани така. Работата е што еден куп неталентирани актери се пробија на карта сексапил и веќе тешко можете да ги одвоите оние што знаат да глумат од оние кои се вадат на убаво лице и стомачни мускули. Разбирливо е зошто оние кои поседуваат талент сакаат да се дистанцираат од тоа, но кога веќе ги поседувате физичките атрибути, како ќе успеете да избегате од нив? Шарлиз Терон е пример како човек треба да се носи со етикетата. Одбира улоги со вкус. Некои од нив бараат голотија, други бараат целосна трансформација. Но, никој не може да рече дека Шарлиз е жена која се пробила само благодарение на убавината. Жената има талент и тоа никој не може да го порекне. Токму од неа треба да учат голем дел од актерите и актерките.
{loadposition content9}