Повлекувањето на езерото носи нов предизвик-наезда на глодари и инсекти
Според Центарот за јавно здравје, повлекувањето на водите од езерото и реките, претставува можност за поголема појава на глодари и инсекти во Охрид.
Повлекувањето на водите и во Охридското езеро, но и во реките, од една страна спас од поплави, но од друга можност за проблеми со појава на глодари, инсекти и други штетници.
За спас од овој нов предизвик, Центарот за јавно здравје вели дека е потребно да се преземат серија превентивни мерки за заштита на населението од заразните заболувања кои комарците и глодарите ги пренесуваат. Според директорот на Центарот за јавно здравје, д-р Атанаско Михаилов, изминатите години, граѓаните често реагирале и тврделе дека забележале глодари, особено глувци и во делови од канализацијата, па дури и по улиците. Д-р Михаилов вели дека последната дератизација била направена многу одамна.
„Правевме еден напор заедно со тогаш ЈП „Водовод“ мислам дека сеуште не беше поделено, затоа што со шахтите располагаа од „Водовод“, да направиме една дератизација и ја поделивме во два дела. Едната година да се направи дератизација во половината од шахтите од градот, а наредната година наредната половина, како би можело постојано тој процес да тече. Секоја наредна година по половина со што би било системски зафатено целото градско подрачје. Направивме половина, потоа не знам што се случи, знаете какви беа разбирањата на поранешниот градоначалник и локалната за тој процес. Престана тој процес, така да наназад 5 до 6 години воопшто Охрид нема вршено дератизација.“-вели директорот на Центарот за јавно здравје-Охрид, д-р Атанаско Михаилов.
И календарски, но и поради состојбата со повлекувањето на водите во езерото и реките, се наближува периодот и за прскање против комарци. Овој зафат кој редовно се прави, во минатото често беше тема за препукувања помеѓу поранешната локална самоуправа и Центарот за јавно здравје.
Иако се добиваше претстава дека тоа е еден скап процес, д-р Михаилов вели дека за едно системско прскање на целата територија на Охрид, не се потребни повеќе од 300 до 400.000 денари.
„Три периоди од сезоната треба да ги зафатите со прскање. Тоа е еден ран период во Мај месец, јуни месец, јули месец или почеток на Август. Делувањето на средствата против комарците може да се одвива во три фази, и тоа прва фаза кога се во форма на ларва, и тогаш најчесто се зафаќаат деловите кои се мочурливи како Студенчишкото блато, деловите покрај Охридското езеро, Андон Дуков, значи таму се прска насочено. Потоа се прска во фаза кога се на размножување, и третата фаза е за тие што случајно останале да се доуништат.“-рече д-р Михаилов.
За потребите на ваквата системска дезинсекција, Центарот за јавно здравје има и своја мапа каде се определени жешките точки кои се најпроблематични, како Студенчишкото блато, Андон Дуков, Љубаништа и други места околу езерото.
Од Центарот за јавно здравје велат дека сеуште ги немаат одредено деталите околу соработката со новата локална самоуправа, но изразија надеж дека таа соработка ќе биде на највисоко можно ниво. Инаку што се однесува на постапката околу превентивните прскања, најпрво локалната самоуправа треба да објави оглас за вршење на системска дезинсекција и дератизација, па Центарот за јавно здравје како единствена стручна институција да изработи план на прскање, додека техничкиот дел може да го спроведе било која институција овластена да го направи прскањето.
{loadposition content9}