Глувите и наглуви лица ги покажаа своите кулинарски вештини
Натпреварот „Жена домаќинка 2013“ понуди многу јадења, различни мириси и вкусови, но пред се многу дружба.
Жените од здруженијата на глуви и наглуви лица од републикава, денес ја покажаа својата магија во кујната.
Натпреварот „Жена домаќинка“ кој веќе стана традиционален натпревар во готвење, понуди многу различни јадења, вкусови и мириси кои ги почувствуваме веднаш штом стигнавме до кујната на хотелот Далјан кој е домаќин на оваа манифестација. А богами имаше и што да се види.
„Оваа манифестација се одржува години наназад и веќе премина во традиционален. Општинските здруженија кои учествуваат на овој натпревар ги има 15 кои се тука. Интересен натпревар помеѓу глувите жени, тие ги приготвуваат нивните специјалитети, а вечер ќе биде оценувањето. Имаме комисија од „Вешта жена“ која ќе ги оценува нивните специјалитети. Исто така имаме награди за прво, второ и трето место и сертификати за учество на натпреварот за сите учеснички.“-рече Васко Марков, претседател на Националниот сојуз на глуви и наглуви лица на Република Македонија.
Славица Стефаноска од Здружението на глуви и наглуви лица од Охрид, вели дека овој натпревар е одлична можност за жените да заборават на секојдневните домашни обврски, и времето да го поминат во шетање, готвење и дружење.
„Не недостасува ниту знаење, ниту ентузијазам, ниту идеја како да се аранжира сето тоа. Прекрасна маса, со многу убави идеи, многу вкусни јадења. На пример оваа година се подготвуваат од една страна некои специјалитети кои што се карактеристични бидејќи сме во пресрет на велигденските празници, а од албанскиот дел на нашето здружение, тие подготвуваат некои специјалитети кои тие ги приготвуваат за нивните празници и тоа е многу интересно мешање на национални кујни и различни мириси.“-вели Славица Стефаноска од Здружението на глуви и наглуви лица од Охрид.
Инаку овој традиционален натпревар во готвење на глувите и наглуви лица, се финансира преку буџетот на Република Македонија, преку Министерството за труд и социјална политика. Со средствата кои ги добиваат, националниот сојуз на глуви и наглуви лица во текот на годината организира и други активности како што се натпреварите во риболов, игри без граници, маскенбали, а во план се да огранизираат и зимски натпревари.
{loadposition content9}