Денес е Велики Четврток-нека ни е за многу години
Овој голем празник, секој христијанин го поврзува со вапцувањето на првите велигденски јајца, во црвена како крв боја, пред изгревањето на сонцето.
Денес е Велики Четврток, денот кога православните христијани рано наутро, уште пред изгревањето на сонцето, ги вапцуваат првите велигденски јајца. На овој начин всушност се објавуваат последните денови од животот на Исус на земјата. Токму вапцувањето на јајцата со црвена боја е најприфатената традиција од страна на црквата која верниците ја практикуваат.
„Вапцувањето на првото Велигденско јајце е нешто што се случува денеска и тоа црквата го благословува и на тој начин треба секој православен христијанин да постапува. Сведоци сме дека многу луѓе денес носат и дарови во црквата, а потоа после светите богослужби си ги земаат во своите домови на Велигден, и тоа е нешто што апсолутно не пречи или не е спротивно на учењето на црквата, едноставно благословот божји на тој начин да си го примат, но она што всушност треба да направиме е тоа дека сега сеуште трае постот, да постиме, преку молитвата и покајанието да се подготвиме, да се причестиме со светите христови тајни, со телото и крвта христова и тоа е она што секој од нас треба да го направи.“-вели отец Димче.
Но отец Димче вели дека постојат многу нешта кои верниците ги прават не само за Велики Четврток туку во сите овие неколку празнични дена, кои не соодветствуваат со црковните учења и се многу повеќе комерцијални отколку верски.
„Она што треба секогаш да го знаеме е дека се си има свое значење и своја порака на некој начин. Точно јајцето, црвената боја ја симболизира крвта што Исус ја пролеал за сите нас. Јајцето на некој начин го означува и целиот свет заради кој Христос постоел. Преку јајцето знаеме се раѓа нов живот. И како што се раѓа преку јајцето ново пиле, така и Христос преку гробот иако запечатен, смртта не можела да го задржи. Воскреснал и со тоа не ослободил. Сето ова што сега се случува, вапцување во други бои, тоа се новитети што пожелно е да не се практикуваат.“-рече отец Димче.
Инаку православната црква, на Велики Четврток си споменува за четири важни настани врзани за Исус. Миењето на нозете на апостолите кое како знак на понизение го направил Исус, потоа тајната вечера кога е утврдена светата тајна причест евхаристијата односно телото и крвта Христови, потоа молитвата на маслиновата гора кога Исус просел од Господа, а капките пот му биле како крв, и четвртиот настан односно Јудиното предавство.
Утре е Велики Петок, денот кога се случува полагањето на Христос во гробот, пред тој повторно да се појави и да воскресне победувајќи ја смртта. Нека ни се за многу години.
{loadposition content9}