Црвениот крст и Универзитетот „Св.Апостол Павле“ со поинтензивна соработка
Со реализацијата на овие проекти универзитетот ја искажува својата општествена одговорност, а Црвениот крст пак добива партнер во реализацијата на нивните проекти.
Со потпишувањето на денешниот формален меморандум за соработка, Црвениот крст од Охрид и Универзитетот за информатички науки и технологии најавија уште поинтензивна соработка.
Претседателот на Црвениот крст, Сашо Точков, вели дека овој меморандум и идната соработка ќе биде само надоградување на веќе добро воспоставените и реализирани програми помеѓу двете институции. Точков напомена дека бенефитите се обострани.
„Се надевам и ве повикувам и медиумите како и досега да ги следите нашите активности како и заедничките активности со Универзитетот за информатички науки и технологии и да допринесеме навистина што поголем број на млади луѓе, но и оние ранливи категории кои што треба да најдат свое место и свој пристап до информатичката техника, до компјутерите, до начините како да можат да се едуцираат, посебно оние кои што се од ранливата категорија луѓе, а кои што имаат потреба од вработување или од совладување на тие вештини и техники.“-вели претседателот на Црвениот крст од Охрид, Сашо Точков.
И ректорот на Универзитетот „Свети Апостол Павле“, професор д-р Нинослав Марина, согласен дека овој меморандум е само формализација на веќе добро воспоставената соработка, но и дека проектите кои заедно ќе ги сработат ќе бидат од големо значење и за двете институции.
„Универзитетот за информатички науки и технологии, како најмлад државен универзитет, покрај главната дејност, сака да искаже подготвеност за општествена одговорност, затоа оваа соработка со Црвениот крст како една од најзначајните меѓународни организации во Охрид е од големо значење за нашиот универзитет. Сакаме да покажеме дека сме подготвени да бидеме активни во сите делови од општеството, особено каде што играат улога информатичките науки и технологии, и како што гледаме секојдневно тие се се позначајни и позначајни.“-рече ректорот на УИНТ, проф.д-р Нинослав Марина.
Инаку двете институции претходно имаат остварено соработка во делот на крводарителството, каде голем број од студентите на овој универзитет даруваа крв, како и делот на првата помош во кој студентите имаат можност да учествуваат во обуката која се врши по ЕФАК стандардите, а кои подоцна би им биле од корист на студентите.
{loadposition content9}