„Заедно за Струга“ бара претседател на Совет од нивните редови
Од таму сметаат дека со освоените гласови на последните локални избори тие би биле единствени легитимни претставници на сите граѓани.
Коалицијата Заедно за Струга излезе со став дека новиот претседател на Советот на општина Струга треба да биде од нивните редови. Советникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ од Струга, Перо Петкоски, објасни зошто токму ваква одлука треба да биде донесена на утрешната седница на Советот на општина Струга.
„Коалицијата Заедно за Струга на последните локални избори освои најмногу советнички места, 11, и е најголема советничка група во Советот на општина Струга. Од таму легитимно е правото, од таа коалиција да биде и претседателот на Советот на општина Струга. Со освоени над 15 500 гласови на ниво на општина Струга и над 8000 гласови во градот Струга, Коалицијата Заедно за Струга е легитимен претставник на сите оние граѓани кои го дале гласот за оваа коалиција и како коалиција имаме апсолутно право да ги носиме одлуките во името на граѓаните на Струга.“-рече советникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Перо Петкоски.
Петкоски потенцираше дека треба да биде испочитувана волјата на гласачите и членовите на коалицијата Заедно за Струга да бидат вклучени во институциите на локално ниво. Доколку тоа не се случи на утрешната седница, велат дека ќе преземат законски мерки.
„Имаме неколку варијанти, размислуваме што понатаму. Во секој случај ќе ги употребиме сите оние механизми што ни стојат на располагање за да помогнеме во функционирањето на општина Струга, како уставните преставки, така и гласањата понатаму по Бадентер. Потоа размислуваме дури и на некоја поинаква варијанта, но тоа сега-засега е само размислување, да видиме утре како ќе оди текот на седницата.“-вели Петкоски.
Инаку на утрешната прва официјална седница на Советот на општина Струга, покрај гласањето за претседател на совет, советниците ќе избираат и кандидациона комисија, потоа комисија за мандатни прашања, избори и именувања, но ќе одлучуваат и за измена на режимот на сообраќај.
{loadposition content9}