Струшкиот Совет не избра претседател
Струшкиот Совет не избра претседател. Политичката партија ПЕИ излезе од колаицијата со ДУИ. ДУИ пак, ја напушти седницата. Ваков беше епилогот на денешната прва седница на струшкиот Совет.
Денес, на првата седница на струшкиот Совет не беше избран претседател на ова законодавно тело. Верификационата комисија ги предложи, Јулијана Зуноска од Сојозот за Струга и Абдула Ќазимоски од ДПА, за кандидати за претседател. Но ништо од тоа, политичките партии по се изгледа не се договорија. Очигледна беше поделеноста на македонскиот и албанскиот политички блок. Од здружената коалиција не го поддржаа Ќазимоски. Од таму се произнесоа дека нема да попуштат и оти цврсто стојат на својот став, претседател на струшкиот совет да биде македонец, заради зачувување на соживотот во Струга.
„Како советничка група ние побаравме да биде избран претседател на општина на Совет од редовите на македонската етничка заедница. Зад тоа седиме и тоа и во идно време ќе го бараме од градоначалникот. Пред се во интерес на соживотот и толеранцијата“.
Советникот Никола Затуроски, излезот го гледа само со постигнување на заеднички договор, за што според него треба да се седне и сериозно да се разговара. Тој нагласи дека покрај тоа што ги бараат старите позиции, ќе бараат уште повеќе македонски позиции во општината во однос на раководните позиции на сектори и одделенија.
„Ако нашата политичка партија можеше во Долнени да попушти со тоа што градоначалник имаме македонец а претседател на Совет од ДПА, јас градоначалникот го слушнав поточно неговата изјава каде вика тоа треба да се случи и во парламент. Значи основните постулати на Рамковниот договор таму каде што живеат 20 проценти од малцинствата, треба да се почитуваат и едноставно треба да имаме македонец претседател. Неговите размислувања според мене се сосема погрешни“.
Градоначалникот Зијадин Села потенцираше дека досега во струшкиот Совет се работело по непишани правила, но со неговото доаѓање на првата позиција во градот, според него законот е пред се. Тој е категоричен дека не се меша во работата на струшкиот совет и дека ќе ги почитува нивните одлуки
„Тоа што е основно во политиката и демократијата значи компромис преговарање. Ако советниците и политичките партии се спремни за преговори јас сум спремен“.
Првата седница на советот на општина Струга беше карактеристична не само по тоа што не беше избран претседавач на Совет, туку и по тоа што ПЕИ излезе од коалиција со ДУИ, ДУИ пак ја напушти седницата поради незадоволството од нивната застапеност во комисиите, додека пак слабиот превод од албански на македонски сеуште е горлив проблем на седниците на општина Струга. Како што веќе е познато, според законот за локална самоуправа претседавач на совет се избира во рок од 3 месеци, во спротивно треба да има нови избори за советници. Во општина Струга веќе измина еден месец.
{loadposition content9}