И Охриѓани кажаа „не“ за генетски модифицираната храна
Во мал број, наоружани со информативни материјали, неколку ентузијасти предупредуваа на штетните последици, кои оваа храна ги има врз здравјето на луѓето.
Охриѓани се приклучија на глобалниот марш против генетски модифицираната храна, како продолжена рака на главниот протест кој се случува во Скопје.
Неколкумина ентузијасти, на градскиот плоштад, како и во просторот пред чинарот, делеа информативни материјали за тоа што претставува ГМО или генетски модифицираната храна како и кои се последиците од нејзиното консумирање.
Инаку генетски модифицираната храна е храна добиена преку генетски инженеринг односно комбинирање на гени од растенија со гени од бактерии, вируси, а не ретко и животни. Република Македонија важи за една од малкуте земји на чие подрачје не се произведува ваква храна. Во 2008 година во сила е стапен и Закон за генетски модифицираната храна во кој јасно е наведено дека се работи за храна која е штетна по здравјето на луѓето, но прашање е колку овој закон може да го спречи увозот на ваквата храна.
„Треба да ги согледаме долгорочните последици. Бидејќи компанијата „Монсанто“ која е главен производител на генетски модифицирани семиња, не вршела истражувања за долгорочните последици од генетски модифицираната храна врз здравјето на луѓето. Тие се базираат на заклучоците на краток рок, но група научници кои правеле независни, објективни истражувања, за долгорочните последици врз глувците како најкористени за експериментални цели, наидоа на страшни заклучоци. Дел од тоа се хормонален дисбаланс, развој на тумори, стерилност и ред други штетни последици врз нивното здравје и нормално и врз здравјето на луѓето.“-рече активистот во Марш против ГМО, Климент Арнаудов.
Активистите против генетски модифираната храна предупредуваат и на други последици.
Тие сметаат дека доколку се дозволи увоз на генетски модифирани семиња, воедно ќе изчезнат и автохтоните, традиционални македонски овошја и зеленчук што секако би било на штета најмногу на земјоделците.
„Јас можам да кажам и од сопствени примери, ете од моите родители кои се земјоделци, кажуваат дека семињата што сега ги купуваат најчесто не раѓаат следната година или најмногу раѓаат една година после тоа и во тоа е и проблемот. Тие ги нарекуваат „терминатор семиња“ кои се направени со намера да не раѓаат следната година за земјоделецот да е зависен секоја година да купува повторно семе.“-вели Димитар Ставрески, активист во Марш против ГМО.
Во земјите од ЕУ доколку еден производ содржи до 0.9 % генетски модифициран материјал, тогаш производителот нема законска обврска на етикетата на производот да наведе дека се работи за генетски модифициран производ, а овој процент варира во останатите држави.
Инаку паралелно со охридската акција, се протестираше и во Скопје, а овој протестен марш единствено доби подршка од НВО „СЛОУ ФУД“.
{loadposition content9}