Skip to main content

Превработеност и милионски долгови во ЈП „Охридски комуналец“

Сметката на претпријатието велат дека е блокирана уште од 2006та година, а од таму додаваат и дека немаат исправни возила за собирање на сметот.

 |  Мишел Наумоски  | 
vozila komunalec
возила комуналец

Јавното претпријатие „Охридски комуналец“ тоне во долгови. Според анализите на новото раководство, во моментот, „Комуналец“ по различни основи должи 97.770.000 денари. Од оваа сума, 49.956.000 денари се обврски кон добавувачи, 27.329.000 денари се по основ на извршни судски решенија, додека 16.491.000 денари се по основ на кредит од Охридска банка.

komunalnoЗа овој кредит, според в.д директорот на ова јавно претпријатие, Елена Скрческа, месечно стигнуваат по 150.000 денари во затезна камата. Поради неисплатени долгови кон добавувачи, претпријатието не може да набави гориво за своите возила кои според Скрческа, и самите се во лоша состојба.

„Во последните три години за набавка на возила и од сферата на хигиената, и од сферата на заедничките служби како автомобили, исплатени се 14.000.000 денари. Денес се соочуваме со проблем да немаме во летниот период возило за подигање на смет. Првиот мој контакт во механизација беше како ќе ја протуркаме оваа летна сезона. Сите пет набавени возила во 2010, 2011 и 2012 година се набавени како половни. Такви половни возила во оваа дејност не се прифатливи од аспект што возилата ги користиме 24 часа.“-вели вршителот на должност, директор на ЈП „Охридски комуналец“, Елена Скрческа.

korpi za otpadociПокрај големите долгови, в.д директорката вели дека претходното раководство направило и огромни трошоци за репрезентација. Во 2012 за таа намена биле потрошени 616.000 денари, додека во првите три месеци од оваа година само за медиумско покривање биле исплатени 488.000 денари. Покрај финансиските, претпријатието има и кадровски проблеми.

„Наредниот проблем со кој се соочуваме е превработеноста во заедничките служби, а недостиг на работна сила од општи комунални работници. Вие знете дејноста кај нас е подигање на смет, јавна чистота, метење на улиците и сообраќајниците и градското зеленило, одржувањето и расадникот. Голем број од вработените се во заедничките служби. Една петтина имаме во заедничките служби, другите се оперативни работници, не сметајќи ги оние што се раководители на сектори.“-рече Скрческа.

По увидот во финансиското работење на ЈП Охридски комуналец, в.д директорката на терен констатирала и несоодветно одлагање на смет. Односно на депонијата „Мауцкер“ наменета за градежен шут бил откриен и друг вид на смет кој претпријатието ќе треба да го депонира во Буково на свој трошок.

Сепак, и покрај наталожените проблеми, в.д директорката Скрческа изрази подготвеност Охрид да го зачува чист, особено во наредниот период кога започнува летната туристичка сезона.

{loadposition content9}