Охрид домаќин на претседателите на парламентите од земјите од ЈИЕ
Прва точка на која денес се дискутираше беше економската криза и новите предизвици, односно улогата на националните парламенти во справувањето со неа, како и соработката во регионот.
Претседателите на парламентите од земјите од Југоисточна Европа седнаа на заедничка маса. На десеттата, јубилејна конференција, разговараа за заедничките предизвици со кои се соочуваат земјите од југоисточна Европа, како и улогата на националните собранија во надминувањето на проблемите.Претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Велјаноски, потенцираше дека еден од тие заеднички проблеми е секако економската криза. Велјаноски рече дека без соодветни реформи, земјите од регионот економски ќе стагнираат.
Во таа насока, тој изјави дека Република Македонија активно работела во изминатиот период, а во иднина предвидени се и многу други проекти фокусирани на процесот на евро-атлантски интеграции.
Според Велјаноски, парламентот во тоа треба да има активна улога.
„Во сите овие процеси националните парламенти имаат значајна улога. Тие треба да бидат активни контролори на владината доследност во изодувањето на реформскиот пат за излегување од кризата, како во спроведувањето на генералните политики, така и во мерките, но и активни законодавни чинители во надополнувањето на овој процес. Притоа, меѓусебната соработка меѓу националните парламенти во совладувањето на сите овие глобални и регионални економски предизвици, со оглед на нивниот карактер на поврзаност, само можам да потврдам дека е повеќе од неопходна и добредојдена.“-рече претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Велјаноски.
Претставникот на албанското собрание, Фатос Беја, истакна дека оваа конференција помага во соочување со последиците од глобалната економска криза.
Според него, предизвикот на справување со неа не е лесен.
„Зборот „криза“, во моментот е еден од најчестите зборови во сите наши парламентарни дебати, не само затоа што денес е чест збор во нашите општества, туку затоа што парламентите се вклучени во законодавната работа за постигнување реформи со цел да се избегне намалувањето на животниот стандард на нашите граѓани и да се одржи развојот и напредокот на нашите земји. За жал, земјите од нашиот регион не се најпросперитетните на континентот, и истовремено ние мора да се соочиме со тешкотиите кои се наследени од нашето минато и да го надоместиме изгубеното време во изминатите декади.“-вели претставникот на Албанскиот парламент, Фатос Беја.
Претседателот на Националниот совет на Словенија, Митја Бервар, рече дека Словенија како полноправна членка на Европската унија ја подржува интеграцијата на земјите од Југоисточна Европа во ЕУ и НАТО. Според Бервар, токму овие процеси се двигател на економскиот и политички развој.
„Мораме да се држиме до нашите посветености и ветувања за Европската унија во однос на дополнителното проширување. Исто така, државите од регионот треба да продолжат да ги почитуваат посветеностите и критериумите во процесот на проширување. Верувам дека посветеноста кон проширувањето на ЕУ и НАТО, нема да станат жртви на сегашната економска криза и поврзаните општествени проблеми и внатрешното реструктуирање на Европската унија.“-изјави Бервар.
Инаку на оваа дводневна конференција, освен за економската криза, ќе се разговара и околу воспоставување на Парламентарно собрание на земјите од Југоисточна Европа.
{loadposition content9}