„Стариот“ театар вечерва ја чека својата публика
Со изведба на фрагменти од повеќе претстави на Македонскиот народен театар, во петок, министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, ќе ја отвори новата театарска зграда на објектот „Стар театар”.
Со изведба на фрагменти од повеќе претстави на Македонскиот народен театар, во петок, министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, ќе ја отвори новата театарска зграда на објектот „Стар театар”, кој свечено ќе биде примопредаден на Националната установа Македонски народен театар.
Отворањето на новиот објект ќе биде одбележано со изведба на фрагменти од повеќе претстави на Македонскиот народен театар, со изведба на фрагменти од претставата „Вечната куќа”, по текст на Јордан Плевнеш, со која во септември свечено ќе биде отворена новата театарска сезона, но и со отворање на еден навистина значаен сегмент од дејствувањето на новиот театар, односно промоција на Музејот на МНТ, кој претставува прва театарска музејска збирка формирана и презентирана во Македонија.
Новиот театар, кој е лоциран на левиот брег од реката Вардар, е изграден врз темелите на стариот театар кој се урна во земјотресот во 1963 година. Позициониран е на вкупна површина од 7200 квадратни метри, а аудиториумот на објектот е поделен на голема сала со партер и две галерии со вкупно 724 седишта, како и мала сала со 213 седишта. Сценската технологија и механика, како и целокупната сценска површина се од модуларен тип со дупло дно. Во системите на сценските технологии е вградена опрема од најпознати врвни светски производители за ваков тип опрема и објекти, која овозможува големи технички перформанси.
Покрај основната функција на објектот, театарот сам по себе претставува и музеј со оглед дека преку темите на орнаментиката која ги краси ложите во внатрешноста е претставен дел од богатото македонско културно наследство, а посетителите можат да се запознаат со историјата на театарот на овие простори. Однадвор театарот го задржува својот автентичен изглед, а има и посебно осветлување (илуминација) на партерот, како и на целиот објект со што се истакнуваат неговите визури.
Со изградбата на „Стариот театар”, Република Македонија за првпат добива современ театарски простор во кој ќе се негуваат уметноста и културата и ќе се реализираат содржини од сценско-уметничките дејности со високи технички перформанси.
Отворањето на театарот требаше да се случи најдоцна до 27 март, Денот на театарот, но поради недозавршени градежни работи, неговото отворање беше одложено и конечно ќе се случи во петок.
{loadposition content9}