Локалната самоуправа го раскина договорот за закуп на паркинзите
Како причина од локалната наведуваат неисполнување на условите на договорот.
Постапувајќи по заклучокот донесен на седница на советот на општина Охрид од 10ти Мај годинава, градоначалникот Бакрачески го раскина договорот за закуп на паркинзите. Денес и официјално од локалната потврдија дека досегашниот закупец, компанијата „Сузуки“ повеќе нема да стопанисува со паркинг просторот во централното градско подрачје.
Новоименуваниот портпарол на локалната самоуправа, Томе Џамтоски вели дека договорот со закупецот бил раскинат поради неисполнување на условите кои стоеле во договорот. Еве што значи тоа.
„Тоа ќе значи дека досега оние улици кои се користеа како паркинг простор треба да бидат ослободени од страна на зкупецот. Тоа е улицата „Македонски просветители“ од пресекот со булеварот „Туристичка“ до крајот на улицата односно до кружниот тек, вклучувајќи го и кружниот тек, со вкупно 162 паркинг места и улицата „Партизанска“ со пресекот со улицата „Кузман Јосифоски-Питу“, просторот пред Стопанска банка, и паркинг просторот кај хотел Ривиера со вкупно 99 паркинг места.“-рече портпаролот на локалната самоуправа, Томе Џамтоски.
Џамтоски изрази надеж дека закупецот ќе постапи соодветно во интерес на граѓаните и јавниот интерес на општина Охрид.
Сепак доколку се случи да паркирате во централното градско подрачје и некој побара од вас да платите за паркинг, од локалната советуваат…
„Најдобронамерно и најдобро што можам во овој момент да кажам е дека граѓаните ќе треба веројатно да се обратат до ете најблискиот сообраќаен полицаец кој веројатно ќе најде начин да им помогне во тој момент, меѓутоа очекувам дека набрзо ќе има целосна разврска.“-вели Џамтоски.
Новонастанатата ситуација околу паркинзите, според Џамтоски воедно ќе значи и сигурна промена на сообраќајниот режим во овие делови од градот.
Што се однесува до ослободените паркинг простори, од локалната велат дека тие најверојатно во една транспарентна постапка ќе бидат вратени на стопанисување на ЈП „Билјанини извори“, кое е основано токму за таа намена.
{loadposition content9}