ТЛЕР ќе ги помага охридските земјоделци со посебна канцеларија за поддршка
На денешното отворање на ова советодавно тело, беше истакнато дека станува збор за канцеларија која ќе дава и административна, но и стручна подршка на земјоделците од Охрид и охридско.
Земјоделството станува дел од клучните аспекти на локалниот економски развој на општината. Денес, секторот за туризам и локален економски развој доби канцеларија за подршка на земјоделието. Ова посебно советодавно тело кое ќе работи во рамките на секторот за ТЛЕР, ќе дава и административна, но и стручна подршка за земјоделците од Охрид и охридско. Од ТЛЕР велат дека со отворањето на канцеларијата очекуваат уште поголема активност во промоцијата и подршката на земјоделците.
„И досега во ТЛЕР се работеше на тековни активности од областа на земјоделието, на прашања поврзани со земјоделието, но сега ќе бидат многу проширени, ќе се работи со поголем обем пред се поради зголемениот интерес кај земјоделците посебно во делот на користење на средствата од ИПАРД програмата. Сега конкретно ќе им даваме и насоки и помош и како да стигнат полесно до тие средства.“-рече Ѓоко Апостолоски од секторот за Туризам и локален економски развој.
Канцеларијата за административни работи и стручна подршка на развојот на земјоделието ја отвори градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески кој смета дека оваа канцеларија ќе ги зголеми продуктивноста на земјоделците и ќе им пружи информации кои се неопходни за нивната работа.
Според него, преку оваа канцеларија, земјоделците ќе добијат и широка подршка во искористувањето на домашните и странските финансиски можности за развој.
„Ова е место каде што конечно тие ќе можат да добијат и потврда за бесправно изградени објекти на земјоделско земјиште, тоа се помошни објекти, оранжерии, или објекти за примарна обработка на земјоделски производи. Од друга страна, тука ќе се издаваат и уверенија и потврди кои што се потребни на производителите на здрава храна, да можат своите земјоделски производи да ги продаваат ширум пазарите на Република Македонија. Во исто време, тука ќе се обавува и еден стручен опис, попис и проценка на насадите и посевите со кои располага општина Охрид.“-вели градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески.
Оваа канцеларија воедно ќе преставува и врска помеѓу локалните земјоделци и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство како и други институции на системот кои се важни за развојот на земјоделските бизниси. Инаку канцеларијата се наоѓа во рамките на секторот за ТЛЕР, а ќе работи од понеделник до петок, од 8 часот наутро па се до 16 часот попладне.
{loadposition content9}