Се средува хаосот со таканаречените туристички водичи во Охрид
Општинскиот инспекторат годинава со засилени контроли околу оваа проблематика, а од нивното делување задоволни и лиценцираните туристички водичи.
Општинскиот инспекторат со засилени контроли за сузбивање на појавата на нелегални туристички водичи. Досега не е изречена глоба, што значи дека не е најден нелегален водич вели, раководителот на инспекторатот Танас Танасоски. Додава дека инспекторите постојано се на терен, посебно на најпосетуваните пунктови во градов од страна на домашните и странски гости.
„ Се контролира најмногу стариот дел на градот, Св Наум, Заливот на коските. Овие локации се под најголем надзор од страна на нашите инспектори. Очекувам оваа година и ние како инспекторат но и туристичките водичи да бидеме задоволни од работата на инспекторите на терен. Морам да кажам дека овие лиценци веќе се добиваат и во Скопје и бројот на лиценцирани туристички водичи е многу поголем.
Дека има подобрување на состојбата со контролите на терен со таканаречените нелегални водичи, потврдува и туристичкиот водич Љупчо Јузмески. Тој во телефонска изјава за ТВМ потенцираше дека проблем се јавува со дефицит на туристички водичи кои го познаваат турскиот јазик.
„Инспекторатот во Охрид оваа година повеќе и подобро работи, па така јас лично ги имам видено на терен на неколку пункта и тоа Плаошник, Св. Наум, Музејот на вода, па дури и Калишта, што ми се допаѓа затоа што туристичките агенции и странските тур оператори, институциите и хотелите знаат дека инспекторите се на терен и ги информираат и земаат локален туристички водич. Но сепак тоа е малку, заради тоа што имаме енормно гости од Турција овој пат, но немаме доволно лиценцирани водичи кои го зборуваат турскиот јазик“.
Само во Охрид има околу 120 лиценцирани туристички водичи. Од нив само 20 работат професионално, вели Јузмески. Јузмески категоричен дека нашиот јужен сосед и Р. Бугарија нема повеќе да имаат можност со своите платени туристички водичи да ја искривуваат историјата за Охрид.
{loadposition content9}