Се изловува рибниот фонд на Слатинско Езеро
Денес почна изловот на рибниот фонд од акомулацијата Слатинско Езеро. Како што веќе информиравме изловот се врши за спас на рибниот фонд кој што настрада откако се склучи хаваријата на оваа акомулација.
Рекреативните риболовци од здружението Св Апостол Петар, денес отпочнаа со излов на рибниот фонд од акомулацијата Слатинско Езеро. Како што веќе од таму укажаа, Слатинското Езеро е пред еколошка катастрофа поради напукнување на браната, која го спушти нивото на водата од 9 на еден метар. Првиот човек на општина Дебрца, Игор Трајкоски, вели дека изловот на рибниот фонд е само времено решение и смета дека рибата набрзо ќе се врати во истата акомулација наесен, после санирање на браната за што потврда добил од Министерството за земјоделие.
„Со напорите што ги направи концесионерот Св Апостол Петар денес сме сведоци на изловување на рибата што ќе биде пренесена во другите водотеци во регионов односно во реките и Требенишко Езеро. Се надевам дека за брзо време ќе се санира браната и повторно ќе претставува атракција за бројните посетители и туристи“.
Од Хидробиолошкиот Завод Трајче Талески вели дека врз рибниот фонд не е направен паразитолошки и бактериолошки преглед но според досегашните испитување рибниот фонд од Слатинското Езеро бил најдобар во поглед на исправноста на рибите од тој аспект.
„Всушност оваа риба потекнува од Охридското езеро бидејќи и во 1994 година беше пукната браната езерото се пориби со крап кој беше изловен од Љубаништа, и еве тој се размножи и за жал повторно се случува истото. Снабдени сме со садови од 1000 литри со две боци со кислород со возила кое што ќе ја транспортира рибата во такви услови до биофилтерот на Хидробиолошки завод“.
Радован Димитриески, претседателот на Здружението на рекреативни риболовци Св. Апостол Петар, жали поради ваквата состојба со која што денес се соочуваат на терен и истакна дека мора на Слатинското Езеро да му се врати некогашниот дух.
„Нашите апели до некои надлежни институции не дојдоа навреме и за жал сме приморани на овој чин. Се надевам дека ова нема да биде долго и дека ќе се санира браната и ќе се врати рибниот фонд како би заживеал рекреативниот риболов рибниот туризам бидејќи ова носи големи штети не само на нас како концесионери туку и на цела општина Дебрца“.
Во моментов рекреативните риболовци неможат да направат проценка на претрпената штета врз рибниот фонд, информираа дека тоа ќе се знае за 15 дена кога ќе се излови цела риба и кога езерото ќе се донесе до нулта точка.
{loadposition content9}