Собирањето на печурки, лековити растенија, смреки и останатите шумски плодови повеќе не е бесплатно. Луѓето кои собираат шумски плодови и на тој начин заработуваа, сега ќе мора дел од заработката да и плаќаат и на државата. Од неодамна државата започна со наплата на природното шумско богатство според Законот за шуми. Собирачите на шумски плодови мора да обезбедат дозволи кои се издаваат во ЈП „ Галичица“ поддружница на „Македонски шуми“. Покрај собирачите на шумски плодови со вадњето дозволи под контрола ќе се стават и откупните претпријатија. Според тарифникот на претпријатието цената на дозволата е 400 денари и ќе важи до крајот на календарската година. Собирачите на шумските плодови веќе почнале да ги вадат дозволите, информира Јовче Цветкоски од сектор за споредни шумски плодови во ЈП „Галичица“ .
„ Дозволи за собирање на шумски плодови досега обезбедиле 26 физички лица. Дозволите треба да ги носат со себе при секој влез во шума. Бројот на откупните претпријатија, пак кои аплицирале за склучување на договори со јавното претпријатие кое стопанисува со шумите, засега е 4“, укажува Цветкоски.
Собирачите на печурките, смреките и лековитите растенија се спасија од давачката дневна такса која првично се предвидуваше да се плаќа покрај дозволата за влез во шумите за собирање на природното богатство. Куртулија и од можноста да се ограничуваат и количините кои ќе може да ги собираат.
„ Во моментов не постои ограничување со оглед на тоа што нема загрозени видови на шумски плодови. Само во случај на алармантни состојби се воведува мерка за забрана или ограничување на собирање. Засега нема такви појави, а капацитетот на шумите не е доволно искоритен“, вели Цветкоски.
Собирачите на печурки, смреки, мов и лековити растенија кои ќе се затекнат без дозвола за нивно собирање во шумите ќе се санкционираат. Казните се мошне високи и се движат и до 500 евра. Контролата ќе ја прават полицијата, шумската полиција, шумарите. Дозволите важат само за територија на една поддружница на јавното претпријтие Македонски шуми.
{loadposition content9}