Градежен отпад се фрла насекаде
Дворовите на дел од станбените комплекси во градов, со тек на време се претвораат во мини депонии. Проблемот е сериозен и ги загрижува граѓаните. Дел од нив проговорија пред камерите на ТВМ.
Дворно место од станбен комплекс на ул „Галичица“, затрупано во градежен шут. И не само градежен шут, на тоа место може да се забележи и покуќнина, кревет и сл, но и зелен отпад. Расфрлан е насекаде, како резултат на несовесното однесување на поединци, укажуваат мештаните од ова маало. Јован Наумоски и јавно проговори за проблемот со градежниот шут.
„Од кога се реновираше зградата на поткровјето остана еден огромен дел нафрлан како шут, многу време е тоа, скоро две три години но сега последниве денови сите околни куќи и жители од оваа мала го фрлаат својот градежен шут пред нашиот двор. Значи пријавивме до надлежните, беше комунален инспектор, ни ветија дека ќе се среди, но после неговото заминување се натрупа уште повеќе шут, незнаеме веќе каде да се обратиме“.
Слична е сликата и во дворот на станбен комплекс на ул „Карпош Војвода“. Купишта тули, планина градежен шут и друг отпад речиси десет месеци се расфрлани околу зградата. Мештаните реагираат и велат дека кога е топло се дават во прашина а кога е врнежливо се дават во кал.
Од Локалната самоуправа во врска со овој проблем велат дека веќе презеле соодветни мерки и комуналниот инспекторат веќе отпочна со постапка за подигање на градежниот шут.
„Нам многу ни е жал за оваа грда слика, ние денеска добивме дојава од граѓаните и уште веднаш екипи од нашиот инспекторат излегоа на лица место снимана е состојбата како и тоа од каков состав е тој градежен шут. Даден е налог на ЈП Комуналец да го отстрани шутот се очекува во наредните два дена да се санира состојбата и да се доведе во првобитната состојба. Ние претпоставуваме но не тврдиме дека токму од жителите кои претходно живееле во тие станбени објекти е направен шутот. Имаме неофицијални информации од инспекторатот дека се идентификувани лицата кои го оставиле градежниот шут тука, но во понатамошната постапка ќе се види на чив терет ќе падне подигањето на тој шут.
Според ветувањето од локалните власти она што било натрупано на ул „Галичица“ цели три години, а на „Карпош Војвода“ десетина месеци ќе биде расчистено за рекордни два дена.
{loadposition content9}