Со брошурата „Инвестирајте во Охрид“ ќе привлекуваме странски инвестиции
Во неа ќе бидат поместени информации за можни локации за инвестирање како и многу бизнис идеи кои чекаат реализација.
„Invest in Ohrid“, краток и јасен наслов за брошурата која ја подготвува секторот за туризам и локален економски развој за привлекување на странски инвестиции. Во неа ќе бидат систематизирани сите материјали и податоци со кои располага општина Охрид во однос на интересот на странските инвеститори. Досега, во работната верзија се вметнати податоците за локациите и проектите кои се во сопственост на општината, а од денес стартуваше и јавниот повик до сите заинтересирани граѓани кои имаат некоја нереализирана бизнис идеја која би можела да се вметне во брошурата.
„Со јавниот повик кој го објавивме денеска ги мотивираме односно ги повикуваме сите заинтересирани страни кои што имаат сопствени идеи за реализација на било каков проект кој што би привлекол странски инвеститори или пак поединци кои што имаат сопствени недвижности, земјиште кое тшо исто така може да се понуди на странски инвеститори. Преку овој јавен повик да ги достават своите идеи преку апликациониот формулар. Комисијата понатаму која ќе ги прибира овие податоци, ќе ги разгледува, ќе ги систематизира и сите оние кои што сметаме дека ги исполнуваат критериумите да се најдат во оваа брошура, ќе бидат ставени во неа.“-рече раководителот на секторот за туризам и локален економски развој, Ѓоко Апостолоски.
Според Апостолоски со помош на оваа брошура, освен што ќе ги нудат локациите во сопственост на општината, ќе станат воедно и врска помеѓу приватните и физички лица и странските инвеститори за евентуални партнерства. Електронската верзија на оваа брошура ќе биде поставена на веб страната на општината со што ќе стане достапна многу пошироко. А за привлекување на странските инвестиции, секторот за тлер има планирано и други активности.
„Имаме веќе зацртано програми за наредниот период, ние како општина практично да се презентираме на промоции кои што ќе ги правиме во странските држави, посебно во оние кои изразиле досега најголем интерес за инвестирање во Охрид. Истите овие работи како претставници на локалната самоуправа, заедно со претставници од приватниот сектор, да ги презентираме на такви средби на заеднички, be 2 be средби на промоции и презентации. Оваа брошура ќе биде само една алатка преку која што ние ќе можеме на еден најлесен и најдостапен начин да го промовираме туристичкиот и економскиот потенцијал на општина Охрид за странски инвестиции.“-вели Апостолоски.
Јавниот повик за сите заинтересирани трае до 30 јуни. Во него стои дека и оние бизнис идеи и локации кои не биле навремено поднесени како апликација, но и оние кои имале одредени недостатоци ќе станат дел од брошурата, но во наредното издание.
Апостолоски вели дека оние кои задоцниле ќе бидат известени за тоа, како и за евентуалните недостатоци кои со нивна помош би биле отстранети за наредното аплицирање.
Првиот тираж од брошурата се очекува до крајот на Јули, но податоците ќе бидат постојано обновувани како не би застарела оваа брошура.
Електронскиот формулар за аплицирање можете да го најдете на веб страната на општина Охрид, www.ohrid.gov.mk
{loadposition content9}