СВР Охрид со превентивни мерки за безбеден сообраќај летово
Од СВР апелираат на почитување на сообраќајните правила, а за непочитувачите, најавуваат и казнени мерки.
Со цел подигнување на безбедноста во сообраќајот, охридската полициска станица за безбедност во патниот сообраќај отпочна со зајакнати мерки и контроли на сите учесници во сообраќајот кои не ги почитуваат законските одредби за безбедност во патниот сообраќај.
Во текот на вчерашниот ден, во времето од 13 до 19 часот активностите на СВР-Охрид беа насочени кон возачите на моторни возила и моторцикли при што биле контролирани вкупно 120 учесници од овие категории. И покрај досегашните укажувања, насоки и апели од страна на СВР Охрид, и понатака евидентна и несфатлива е неупотребата на заштитните кациги-шлемови кај дел од моторциклистите.Кај нив но и кај возачите на други моторни возила било евидентирано управување на возилата со измината важност на сообраќајната дозвола, бесправно управување со моторно возило, неносење возачка дозвола и други прекршоци.По тие основи, сообраќајната полиција, од сообраќај исклучила три возила и возачи, изрекла шест превентивни предупредувања и четири платни налози за наплата на глоба.
Од СВР Охрид информираат дека во пресрет на главната туристичка сезона, мерките на полициските службеници ќе бидат интензивирани и кон пешаците кои не ја почитуваат вертикална и хоризонтална патна сообраќајна сигнализација и преминуваат коловози на необележани места. Тие ќе преземаат превентивни но и други мерки кон неправилно и непрописно паркираните моторни возила на пешачки премини, на крстосници, на тротоари, пешачки и велосипедски патеки и други места каде се попречува нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот. Од СВР Охрид информираат дека ваквите превентивни но и казнени мерки кон учесниците во сообраќајот кои ги нарушуваат законските одредби ќе се спроведуваат во текот на целата туристичка сезона.
Од таму повикуваат на почитување на сообраќајните правила и прописи, посебно на носење и користење на заштитните кациги од страна на возачите на мотори и моторцикли.
{loadposition content9}