Skip to main content

Санирани дефектите во градскиот базен-наскоро се става во функција

Од „Билјанини извори“ не информираа дека остануваат уште неколку помали зафати пред базенот да биде и официјално отворен.

 |  Мишел Наумоски  | 
bazen
базен

Градскиот базен за брзо време ќе биде ставен во функција. Од ЈП „Билјанини извори“ информираат дека при првата комплетна проверка на базенот, тие откриле многу лоша слика. Проблеми со мембраната, вентилите, функционирањето на моторите, каналите на базенот. Ова се само дел од проблемите на кои во изминативе неколку денови работеле од ЈП „Билјанини извори“,со цел што е можно побрзо ставање во функција на градскиот базен.

bazen popravki„Ние веќе тоа го отстранивме. Има уште некои ситни работи кои што треба да се отстранат во денешниот и утрешниот ден. Се надевам дека нема да имаме покрупни дефекти, со оглед дека се работи за систем кој што надвор од Македонија е исфрлен пред многу, многу години и ние имавме потешкотии во тој дел, за да дојдеме до нови делови, да се санираат сите проблеми. Неофицијално планираме да го отвориме базенот во среда, доколку не се случи нешто што ние не би сакале да се случи. Инаку ние досега го средувавме базенот како што гледате. Со задоволство можам да кажам дека и детското игралиште кои што беше во многу лоша ситуација, го саниравме, го тампониравме со ситна песок со цел дечињата да може да го користат тоа и да нема никакви повреди.“-вели в.д директорот на ЈП „Билјанини извори“, Иван Цветкоски.

Како и минатата година, така и оваа, на градскиот базен ќе функционираат и неколку пливачки школи за кои во претходните две години, малите охриѓанчиња покажаа голем интерес.

gradski bazen„Засега сме договорени со пливачката школа „Делфина“, за неа е одговорна професорката Соња Думбалова-Делова, и пливачката школа на клубот „Охридски бранови“. Јас сум убеден дека во текот на летото ќе имаме посета и од другите школи, зборувам за надвор од Охрид. Ние ќе се потрудиме она кое што не сме го правеле десет години наназад, во делот на организирањето на митинг во пливање, или натпревар во ватерполо, да го направиме. Но за сето тоа ќе ни треба опремата, спортските реквизити кои се потребни за пливање и ватерполо. Во моментов преговараме со една компанија и јас се надевам дека ќе се договориме и во тој дел ќе направиме еден исчекор, се со цел да понудиме старо-нови содржини на охриѓани и на туристите.“-рече Цветкоски.

За успешно функционирање на базенот во оваа летна сезона што се однесува до организацијата, согласно огласот за волонтери кој го објавиле од „Билјанини извори“ од денес , официјално се ангажирани и тројца професори по физичка култура кои ќе работат на базенот. Инаку, во делот на подготовките околу отворањето на базенот, од ЈП „Билјанини извори“ била спроведена и дезинфекција на базенот, а било набавено и средство против зелените алги, кои минатата година се појавија во базенот и ги изненадија охриѓани. За наредните години, од ЈП „Билјанини извори“ најавуваат поинакво функционирање на базенот, пред се од технички аспект.

{loadposition content9}