Се санира оштетениот бедем на Долни Сарај
Се санираат ѕидните платна на летната сцена Долни Сарај. Проектот ќе се реализира етапно, при што во првата фаза ќе се интервенира во најкритичниот дел од карпите, од кои во изминатиов период во неколку наврати се одронија камени блокови.
Се санира оштетениот бедем на Долни Сарај. Министерството за култура годинава издвои 1 милион денари за првата фаза која како што ни открива директорката на Завод и музеј, Тања Паскали – Бунташеска предвидува санирање на ѕидните јужни платна кон езерскиот брег, од летната сцена на Долни Сарај. На ваков чекор се одлучиле по повеќегодишното укажување од опасноста од уривање на летната сцена, додава таа.
„Оштетувањата беа настанати во голема мера со тек на време што не беше интервенирано на самите зидини, поточно дел од малтерите го имаа изгубено врзивното својство и камењата повремено паѓаа према езерскиот брег, од кога се направи „Мостот на желбите“, пошто постоеше можност некој од камењата да ги повреди некој посетител“.
Проектот за санација на летната сцена Долни Сарај, кој ќе се одвива во две фази, Заводот и Музеј Охрид го има изработено пред четири години. Годинава ќе биде реализирана првата фаза а до година и втората, најавува Бунташеска.
„Проектот се однесува и на санација и на скаличниот простор со кој што летната сцена се поврзува со езерскиот брег. Меѓутоа годинава ќе ја завршиме првата фаза која е во завршна фаза. Ќе ги санираме само јужните ѕидни платна од летната сцена, ги реконструиравме постоечките влезови ги саниравме скоро целосно е саниран ѕидот, пломбирани се местата каде што беа отпаднати камените блокови извршено е фугирање. Најмногу за 10 дена активностите ќе бидат завршени“.
Градежните зафати за санација и конзервација на дел од ѕидините на Долни Сарај на тендер ги доби фирмата Бокоп. Тие најпрво пристапија кон чистење на теренот кој децении не беше допрен и беше затрпан со големи количини смет. Како што е добро познато, покрај туристичка вредност, Долни Сарај има и важно историско значење за Охрид. Некогашниот владетел на градот Џеладин бег на ова место на почетокот од 19 век изградил сарај со поглед на Охридското езеро за својата жена.
{loadposition content9}