Средба со министерот Тодоров бараат вработените од дијализа
Специјалната болница за нефрологија од Струга, да се изземе од јавниот повик за давање под концесија, реагира медицинскиот персонал на оваа установа. Од таму инсистираат на средба со Министерот за здравство Никола Тодоров, со цел да му предочат дека болницата е многу повеќе од самиот процес на дијализа.
Згаснува ли струшкиот Завод за Нефрологија, прочуената Дијализа? Медицинскиот персонал на оваа болничка установа денес излезе со јавен повик до Министерот за здравство Никола Тодоров, со цел да побара изземање на дијализата од Владините планови за издавање лиценци за вршење на оваа здравствена дејност. Вработените за јавниот повик од ресорното министерство за доделување лиценци за вршење дијализа дознале од медиумите и во име на сите инсистираат на средба со министерот Тодоров.
„Денес повторно во име на вработените во нашата болница и стручниот колегиум,здружението на бубрежно болни „Нефрон“, Ви упатуваме јавен повик да не се потпишува договор меѓу Вас и добитникот за вршење дејност дијализа за Заводот за нефрологија како специјална болница, и бараме средба со Вас на која ќе докажеме дека оваа специјална болница е многу повеќе него самиот процес на дијализа кој трае 4 часа“.
Докторите од Заводот за нефрологија укажаа дека услугите кои ги нудат за згрижување и третман на пациентите претставува комплексна целина, од каде на едно место започнува и завршува целиот процес на дијагностика на болеста кај бубрежно забoлените лица.
„Комплетниот третман на еден бубрежно болен започнува со раното дијагностицирање на заболувањето, а токму тоа го врши нашата установа, преку кабинетото за хипертензија и кабинетите за ЕХО дијагностика, бренд познат во државата. Лекувањето продолжува со превенирање иследување на пациентот преку амбулантите за нефрологија, урологија, микробиологија и инфективната амбуланта“.
Др Асим како податок го изнесе и фактот дека 50% од вкупните пациенти во државата се лекуваат во Заводот за нефрологија. За крај рече дека како што Специјалната болница за кардиологија не може да се замисли без одделот за Коронарографија или специјалната болница за ортопедија без оперативниот блок, така и нивната установа не може да се замисли без хемодијализа.
{loadposition content9}