Skip to main content

„Кога бев мртов“-бурлеската без текст го отвора драмскиот дел на Охридско лето

Со оваа претстава работена според немиот филм на Ернст Љубич, актерите од Словенскиот народен театар ќе се обидат да ги насмеат оние кои ќе го проследат ова несекојдневно дело.

 |  Мишел Наумоски  | 
pretstava
претстава

Драмскиот дел од 53то издание на Охридско лето ќе добие немо но нималку тивко отворање. Несекојдневната претстава „Кога бев мртов“ работена според немиот филм на Ернст Љубич, ќе ја има задачата да ја насмее присутната публика. Претставата нема текст, па актерите своите улоги ќе ги одиграат со изразување преку телото. Поради тоа, според режисерот Диего де Бреа оваа претстава отвора нови полиња на изразување во театарот.

„Koga bev mrtov“„Приказната не е некоја драмска класика. Тоа е приказна за еден обичен, но невозможен однос помеѓу машко и женско кои на секој начин се одвојуваат за после во некоја ситуација да се вратат назад и да се пронајде начин, и дека е можно да се направи уште еден обид за се повторно да заживее заедно.“-рече режисерот Диего де Бреа.

„Кога бев мртов“ е несекојдневна претстава дури и за актерите кои ги играат улогите во неа.

„И за мене работата на една ваква бурлеска без зборови е нешто што прв пат го работам и не само јас туку и сите актери во оваа претстава, и за нас е тоа нешто уникатно. Беше интересно кога гостувавме во Богота во Колумбија минатата година. Таму луѓето мислеа дека постојано правиме такви претстави, дека тоа е наш стил, дека ние сме некој вид на циркузанти, но тоа е далеку од вистината.“-вели актерот Јернеј Шугман.

„Тоа е една претстава која не е долга и не треба баш да се памети некој текст.“-се пошегува Јанез Шкоф. Тој вели дека иако Ернст Љубич направил една ваква бурлеска, сепак на неа е работено крајно сериозно.

Janez Shkof„Постојано баравме начин како да го доловиме оној негов фин, носталгичен, природен, нормален филм, нормална глума, нормален заплет. Тоа беше она што беше различно од она кога работиш на комедија. Јас имам правено многу комедии, но тоа секогаш оди на истиот начин. Имаш текст, имаш напнатост меѓу ликовите и фабула. Овде нема текст.“-изјави Јанез Шкоф, актер во претставата.

„Кога бев мртов“ покрај глумата без текст, во текот на сите час и 20 минути е проткаена со музика во изведба на Јоже Шалеј.

„Јас постојано настапувам, нон-стоп, час и 20 минути постојано свирам и тоа не е како во некои други неми филмови, на кои малку се свири, па малку пауза, па малку друга музика, јас постојано ги следам и и давам темпо на претставата. Од мене зависи темпото. Ако јас свирам жестоко и тие се жестоки.“-вели пијанистот Јоже Шалеј.

Инаку претставата „Кога бев мртов“ премиерно се изведува на Охридско лето. Досега актерите од Словенскиот народен театар со неа настапувале околу 150 пати и тоа во Колумбија, БиХ, Црна Гора, Србија, Франција, Хрватска, Италија, Романија. Претставата се одигрува вечерва во предворјето на црквата Света Софија.

{loadposition content9}