Дали Охрид ќе прерасне во главен спортски центар во земјава?
Од инфраструктурни зафати, до организирање на меѓународни спортски настани во нашиот град.
Градоначалникот Никола Бакрачески на иницијатива на првите луѓе на СРЦ „Билјанини извори“ организираше работна средба со спортските федерации од државава, Агенцијата за млади и спорт како и истакнатите спортски работници од градов. Крајната цел според Бакрачески е развој на спортските клубови во Охрид преку една ваква координирана акција.
„Она што е наша цел како локална самоуправа и секако цел на спортско-рекреативниот центар „Билјанини извори“, е да ја дадеме максималната логистичка подршка за организација на масовни настани во спортот кои што би се одржувале во Охрид. Секако дека ќе ја бараме подршката и од Агенцијата за млади и спорт, и од спортските федерации за вклучување на што поголем број на спортски работници од Охрид во овие тела.“-рече градоначалникот Никола Бакрачески.
Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Александар Пујовски, вели дека Охрид ги има предусловите за да прерасне во најголем спортски центар во земјава.
„Ја користам оваа можност во име на Агенцијата за млади и спорт да го изразам моето задоволство што се наоѓам овде во друштво на македонскиот спортски еснаф, во друштво на предводниците на ракометот, фудбалот и кошарката, Живко Мукаетов, Илчо Ѓорѓиевски и Дејан Лекиќ, во градот кој се надевам дека со потенцијалот кој го поседува во смисла на просторни ресурси и секако во кадровски ресурси го поднесува префиксот кој одамна го има понесено како колевка на македонската писменост и култура, а во догледно време ќе стане и колевка на македонскиот спорт.“-вели Александар Пујоски, директор на Агенција за млади и спорт.
Според претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Илчо Ѓорѓиевски, за да стане Охрид врвен спортско-туристички центар, потребна му е инфраструктура.
„Ние веќе имаме соработка која што во скоро време ќе се реализира со општина Охрид. Општина Охрид е дел од проектот „10 арени со вештачка трева“ на територијата на цела Македонија и во скоро време, Охрид ќе добие терен со вештачка трева со највисоки критериуми и стандарди и со тоа значително ќе се подобри инфраструктурата, можностите за тренинг на сите спортисти, односно фудбалери овде во Охрид.“-изјави претседателот на ФФМ, Илчо Ѓорѓиевски.
Исклучително плодна соработка со СРЦ „Билјанини извори“ и град Охрид, најави и претседателот на РФМ, Живко Мукаетов.
„За нас како ракометна федерација на Македонија е навистина многу важно да Охрид биде вклучен во активностите кои РФМ ги обавува. Ние следната година имаме светско кадетско женско првенство и една од групите ќе биде тука во Охрид, а веќе во 2015 година ќе биде и европското кадетско женско првенство од кое што повторно една од групите ќе биде тука во Охрид. Ќе се потрудиме во Декември во очи настапот на нашата репрезентација на Европското првенство во Данска, да пробаме да направиме еден меѓународен турнир, дали ќе успееме ќе видиме, да донесеме врвни ракометни екипи и тука да биде тој финален сегмент од подготовките за настап на европското првенство.“-рече Живко Мукаетов, претседател на РФМ
Генералниот секретар на КФМ пак, Дејан Лекиќ, вели дека за жал изминатите години потешко одела соработката со СРЦ „Билјанини извори“ и претходната локална самоуправа.
„Не само од општината, буквално од никого немавме никаква помош и подршка и затоа сакам најискрено да се заблагодарам и на градоначалникот и на директорот на Агенцијата за млади и спорт на ова внимание кое се надевам претставува еден нов почеток на развивање на нови и подобри релации. Ние како федерација секако дека го имаме Охрид во агендата на нашите активности, останува само конкретно да се договориме за кои и какви настани, не само за клубови и репрезентации туку и за огромен број други проекти и од масовниот и од врвниот спорт, ќе ги префрлиме, ќе ги преселиме и на крајот на краиштата ќе креираме и нови, се со цел на Охрид да му го вратиме оној сјај на спортски центар.“-вели генералниот секретар на КФМ, Дејан Лекиќ.
Инаку што се однесува до подршката од страна на локалната самоуправа за развој на спортот, градоначалникот Бакрачески најави и дека ќе побара за време на одржувањето на големи спортски настани во нашиот град, да бидат корегирани цените на угостителските услуги.
{loadposition content9}