Прва изложба по 17 години на Јордан Манасијески во родниот Охрид
Изложбата насловена како „Приказна за светите простори“ е контраст од две различни фази во творештвото на Манасијески. Се работи за избрани дела од неговиот опус кои се изложувани во најголемите изложбени салони низ светот.
„Апстинирањето јас би го нарекол како созревање. Исто тоа се моменти како овошјето и плодовите од природата, така и сликарот ги чека вистинските денови кога ќе созрее и кога ќе може да се претстави со полно задоволство, со полна доверба пред светот и гледачите, и јас мислам дека бев трпелив.“ Со оваа филозовска мисла, доајенот на македонското сликарство, Јордан Манасијески после долга пауза ја најави својата прва изложба во родниот Охрид.
Изложбата насловена како „Приказна за светите простори“ е контраст од две различни фази во творештвото на Манасијески.
„Очигледно е, не би сакал да нагласувам, но и видливо е на сликите дека светите простори се претставени преку светлината, преку бојата, преку тие валерии на потезите, така што целокупноста ја создава пораката. Во светлината е таа порака на вечноста на тие свети простори.“-вели уметникот Јордан Манасијески.
Историчарот на уметност, проф.д-р Владимир Величковски, вели дека во оваа изложба на Манасијески е очигледна еволуцијата на стилот.
„Тие бои се обработени со извесна правилност иако се слободни потезите. Малку плочкасти, малку продолжени потези, видливи потези се тоа, и штом зборуваме за видливи потези ќе речеме дека авторот се има веќе свртено кон внатрешните импулси. Не е целта веќе да се преслика видливото и послободно да се претстави и обработи со боја, но зборуваме за внатрешни импулси, односно мотиви.“-рече проф. Д-р Владимир Величковски, историчар на уметност.
Манасијески вели дека во неговите најнови дела во преден план се знаците и симболите, и дека е задоволен што неговите најблиски успеале уште веднаш да ги препознаат тие симболи и да ги врзат во еден комплетен мозаик.
„При првото видување и првата средба меѓу гледачот и сликата во почетокот се јавува една зубнетост, конфузност всушност. Тоа наизглед е конфузност, но понатака гледајќи ги тие пориви ивнатрешни искажувања на пораката, гледачот може да се соживее и да доживее вистинско изненадување, дека тука постојат некои знаци и симболи кои ссакаат нешто да кажат, нешто да ни наговестат за иднината, за минатото. Тоа се се испреплетува, и се надевам дека тоа ќе биде навистина разбрано, не би рекол во апсолутна смисла, но во едни релативни димензии.“-изјави авторот Манасијески.
Симболите ги препознава и професор д-р Владимир Величковски.
„Овде е видливото, тоа дека некаде излегуваат обликувани, формирани фигури, ликови, многу чудни ликови, ќе рече дека авторот имал на ум или по некој случај, игра на интуицијата, открива необично претстави, малку на човечки фигури, односно движејќи се на крајно чувствителна граница меѓу видливото, предметното и она што ќе рече дека зборуваме за сликарство со главно асоцијативни белези.“-рече тој.
Инаку изложбата на Манасијески е поставена во галеријата на музејот „Робевци“. „Приказна за светите простори“ е отворена до 9 август и е поставена во соработка со галеријата „Букефал“.
Па повелете и ѕирнете во душата на еден од најзначајните охридски, македонски и светски сликари.
{loadposition content9}