Узурпирани тротоари
Автомобилите по тротоарите а пешаците на коловози. Граѓаните реагираат: На голем број локации во градов тротоарите се узурпирани од автомобили, додека пак мајките со колички се принудени да слезат од тротоар и да се движат по коловозот. Надлежните засега делуваат само со превентивни мерки.
Узурпирани тротоари. На повеќе локации во општина Охрид може да се регистрираат автомобили онаму каде што најмалку им е местото, на тротоарите. По се изгледа ригорозните казни не ги плашат возачите, кои безмилосно го ставаат во опасност животот на пешаците и го оневозможуваат нормалниот проток на сообраќај. Најголема опасност им прети на најмладите, а да не зборуваме за мајките со колички кои немаат друга алтернатива освен да се движат по коловозот.
Граѓаните не сакаа да коментираат пред нашата камера. Наш сограѓанин револтирано ни кажа: „Имате камера снимајте. Нема фајде од коментари туку треба полицијата да си ја врши работата и да казнува“.
Од СВР Охрид велат дека во континуитет преземале превентивни мерки со цел да се избегне пишувањето на казни. Ги предупредувале возачите кои своите возила ги оставале на тротоарите и коловозот дека тоа претставува казнено дело и дека на тој начин ја загрозувале безбедноста на пешаците но и на другите учесници во сообраќајот. На тој начин како што кажа портпаролот Стефан Димоски се обидувале да влијаат на свеста на возачите и да го подигнат нивото на безбедносна култура во сообраќајот.
Но граѓаните сметаат дека превентивните мерки на полицијата не вродуваат со плод. Окупираните тротоари не се исклучоци туку веќе стануваат редовна појава посебно во летниот период кога има зголемен број на автомобили во градов. Тие бараат поригорозни мерки. Од СВР смируваат дека на повторувачите на казненото дело сообраќајната полиција им поднесувала пријава.
Портпаролот Димоски упати апел до возачите, исклучиво да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи. Тој нагласи дека нема да се дозволи самоволно однесување на поединци.
{loadposition content9}