Неформална средба Бакрачески – Месиќ
Неформална средба Бакрачески – Месиќ.
Градоначалникот Никола Бакрачески го прими во неформална посета Стипе Месиќ поранешниот хрватски претседател. Охридскиот градоначалник и хрватскиот дипломат разговарале на повеќе теми како од политиката така и од животот. Чест е да се има за гостин човек како Месиќ искрен пријател на Република Македонија и Охрид, рече при тоа Бакрачески.
„ Денес и вчера имавме можност да поминеме во неформални и пријателски разговори со Стипе Месиќ и отворивме многу теми од политиката, дипломатијата како и општи теми од животот. Месиќ е човек од кој може многу да се научи, ми беше чест да бидам покрај него и да стекнам искуства од човек кој бил претседател на Хрватска, но и нa поранешна Југосалавија. Отворивме и други теми, а јас прв пат дознав дека Стипе Месиќ на почетоците од неговата политичка кариера бил и градоначалник на градот Ораховица.“
Поранешниот хрватски претседател Стипе Месиќ е во дводневна посета на Охрид и вели дека досега бил неколку пати во посета на градот кој со текот на времето му бил се поубав. Со охридскиот градоначалник разговаравме за можности и соработки на Охрид со градови од Хрватска. Иако сме дел од Европската унија немаме цел да соработуваме само со градови од Европа туку и со останатите соседни земји иако не се дел од Унијата, рече Месиќ.
„ Ние мора и понатака да соработуваме. Наш интерес е сите земји од Југоисточна Европа да влезат во Европска унија. Кога Европа ќе се здружи со сите земји од нашето соседство дури тогаш Европа ќе биде голем светски играч. Без здружување на Европа таа ќе биде нецелосна. Мора да се искористи целиот научен, политички и стопански потенцијал па кога Европа ќе го здружи сето тоа и ќе ги отвори границите се исклучува војната како политичко средство. Сите војни биле за освојување на туѓи територии, а со отварање на границите на Европа за земјите од Југоисточна Европа нема да има мотив за менување на границите.“
Месиќ кажа дека Хрватска ќе ги поддржи сите соседни земји за влез во Унијата. За грчко-македонскиот спор, Месиќ истакна, Грција нема разбирање, но и дека нема доволно силен притисок од Европа за решението да се забрза.
{loadposition content9}