Skip to main content

Човекот-амфибија, Јане Петков, со врзани раце и нозе ќе плива во Охридското езеро

Поради сериозноста на ваквиот подвиг, за здравјето и безбедноста на Петков ќе се грижи и Црвениот крст од Охрид.

 |  Мишел Наумоски  | 
Petkov
Петков

Пливачкиот инструктор, спасувач и авантурист, Јане Петков од Сандански, соседна Бугарија во водите на Охридското езеро ќе се обиде да направи еден несекојдневен, необичен и пред се екстремно опасен подвиг. Петков ќе се обиде со врзани раце и нозе, а потоа вовлечен и повторно врзан во вреќа да преплива цели три километри почнувајќи од плажата Горица 1 до градското пристаниште.

covek-amfibijaВаквиот подвиг не е новина за Петков, бидејќи тој веќе има пливано со врзани раце и нозе. Тој ни раскажа како тоа за прв пат се случило, но и која е тајната за да се успее во еден ваков несекојневен подвиг.

„Кога кажав дека ќе пливам така врзан легендите на пливањето  од Стандански, ми рекоа Јане, откажи се, тоа  просто невозможно, ќе се удавиш. Па така на градскиот базен во Сандански, ноќно време да нема таму луѓе, Ѓорѓи ме врза и јас верував и замислив дека тоа може да се случи. Нема граници на човечките можности, доволно е човек да верува во тоа и така и се случи.“-вели пливачкиот инструктор, спасувач на вода и авантурист, Јане Петков.

Температурата на водата по патеката по која Петков ќе плива се движи помеѓу 22 и 21 и пол степени, што имајќи ја предвид неговата здравствена состојба, претставува дополнителна опасност. Јане Петков има слаба крв односно е анемичен.

Оваа негова состојба водата за него ја прави да биде многу постудена. Токму затоа за него ќе се грижи и екипа на Црвениот крст од Охрид.

„За безбедноста и здравствената состојба ќе се грижат медицински екипи на Црвениот крст од Охрид со спасителниот брод-амбуланта и еден спасителен чамес со една екипа на спасители. Значи Црвениот крст ќе се грижи за безбедноста, но секако овој доброволен подвиг на Јане Петков е негова лична желба така да за сето тоа тој си презема одговорност, си ја знае здравствената состојба, сите опасности и предизвици кои може да настапат од овој настан.“-рече претседателот на Црвениот крст од Охрид, Сашо Точков.

Инаку овој неверојатен подвиг, Петков ќе се обиде да го направи во Вторник, почнувајќи од 9 часот наутро, додека неговото пристигнување на градското пристаниште се очекува да биде околу пладне.

{loadposition content9}