Колку влијаат личните ставови на полицаецот врз нeговиот професионализам?
Во ситуации кога треба да се донесе одлука за многу кратко време, одлука која ги засега и правата на други лица, а која се однесува на моменти кои можат да влијаат и на сопствениот живот, тука на сила стапуваат законските и морални рамки, во кои правата на одговорното лице и неговиот личен избор нема да дојдат во конфликт со она што е приоритет на државата во даден момент.
Кога знаеме дека полициските овластувања траат 24 часа на ден, а огромен е и бројот на ситуации кога полицаецот треба да донесе одлука за многу кратко време не ретки се случите кога доаѓа до конфликт помеѓу неговиот личен став и неговата професионалност. Гордана Јанкуловска Министерката за внатрешни работи на РМ истакна дека во таквите случаи на сила стапуваат законските и морални рамки во кои правата на одговорното лице и неговиот личен избор нема да дојдат во конфликт со она што е приоритет на државата во даден момент.
„Бидејќи полициските службеници речиси без исклучок постапуваат во ситуации кога постапувањето од нив бара брзи одлуки, кои некогаш се однесуваат и на ограничување на одредени права на граѓаните, затоа сметам дека една ваква конференција на која ќе може да се чујат искуствата од другите европски држави и од полициски службеници кои функционираат можеби во институции кои организациски се поинаку поставени секако дека ќе бидат значаен придонес за подигање на нивото на професионализмот, доследно почитување на професионалните стандарди и создавање на услови кога полицискиот службеник ама баш во ниту еден момент како и дали треба да постапува“, вели Јанкуловска.
Министерката потенцира дека во таа насока значајно е полициските службеници да имаат можност за отворен дијалог, да ги искажат своите дилеми, стравови и грижи и заеднички да се најде одговор на сите прашања што на крај ќе резултира со растеретување на полициските службеници во моментите кога постапуваат.
Инаку во соработка со полицискиот синдикат секоја година министерството донесува програма за обуки на полициските службеници каде покрај запознавањето со измените на прописите се опфатени и теми кои може да се оквалификуваат како психолошки и лични, теми кои се и како значајни во услови кога треба да се донесе одлука за многу кратко време, одлука која ги засега правата на друго лице и одлука која може да влијае и на сопствениот живот.
Оваа проблематика е и тема на конференција на Извршниот комитет на советот на европските полициски синдикати, а претседателот на Македонскиот полициски синдикат Тихомир Климоски се надева дека ќе се развие една конструктивна дебата за корелација помеѓу личниот став и професионализмот на полицаецот.
„Конференцијата ќе биде добра пригода за размена на компаративни искуства за согледување на проблемите со кои се соочуваат нашите колеги низ Европа и за градење на натамошни стратегии за натамаошно дејствување“ потенцира Климоски.
Инаку, Синдикатот на македонската полиција е една од најстарите синдикални организации во независна Македонија и една од најмасовните, и е партнер на сите раководства на МВР во насока на подобрување на условите за работа и подигнување на нивото на професионализам во Министерството. Македонскиот полициски синдикат денес и утре во Охрид, е домаќин на конференција на Извршниот комитет на советот на европските полициски синдикати- ЦЕСП, европска полициска асоцијација која опфаќа 22 полициски синдикати од 21 европска држава во кои членуваат над 350 илјади полициски службеници од Европа.
{loadposition content9}