Skip to main content

Француски искуства за приближување на македонското кон европското законодавство

Преку разменување на искуства помеѓу адвокатите од двете земји, ќе се работи на приближување на македонската легислатива до европската. Соработката ќе вклучува и најразлични обуки на адвокатите од областа на човековите права.

 |  Мишел Наумоски  | 
advokati
адвокати

Адвокатските комори на Република Македонија и градот Кан од Франција денес потпишаа договор за меѓусебна соработка. Потпишувањето на овој договор за македонските адвокати, и адвокатите од Кан ќе значи и можност за размена на искуства, во повеќе различни области од правото, вклучително и во областа на човековите права.

advokati Makedonija FrancijaСпоред претседателот на адвокатската комора на градот Кан, Робер Алери, овој договор претставува само рамка за сите идни активности чија содржина ќе се формира во зависност од желбите на адвокатите од двете земји.

„Се разбира дека адвокатската комора од Кан ќе ги преземе сите мерки за да воспостави потесна соработка помеѓу македонските и француските адвокати, но исто така сме подготвени да пречекаме и одреден број на практиканти кои што ќе сакаат да следат обуки или да организираме повеќе заеднички обуки за сите оние кои што ќе изразат желба да учествуваат на истите.“-рече Робер Алери, претседател на адвокатска комора од Кан-Франција.

Задоволство од потпишувањето на договорот изрази и Никола Додевски, претседателот на адвокатската комора на Македонија.

dogovor sorabotka advokatiТој потенцираше дека тој е резултат на неколкугодишна соработка со Француската амбасада во Република Македонија.

„Како резултат на тој ангажман дојде до тоа двете адвокатски комори, македонската и француската од Кан, се приближат и да потпишат еден ваков договор за подолгорочна соработка кој ќе биде олицетворен во повеќе посебни договори за конкретни обуки, за конкретна размена на искуства и со тоа и остварување на целите што македонската адвокатура ги има, подобрување на својата позиција, приближување кон европските стандарди и она што е целосно тежнение на нашиот систем, да се воспостави еден современ сигурен и стабилен систем на владеење на правото во Република Македонија.“-вели претседателот на адвокатската комора на Македонија, Никола Додевски.

advokatski komoriФранцуската амбасадорка во Република Македонија, Лоренс Оер смета дека токму на ваков начин, Македонија ќе биде подготвена за сето она што се случува во ЕУ.

„Адвокатите претставуваат суштинска улога во едно општество, затоа што токму тие се оние кои треба да го спроведуваат законот и секоја поделба на знаењата во однос на судската практика е драгоцена и како што спомена господинот Додевски, многу е важно приближувањето на европското законодавство овде, за да можеме да бидеме подготвени за иднината, посебно за правната држава. Амбасадата пред две години отпочна со овој проект и тесна соработка со адвокатската комора, но посебно ме радува што денес навистина присуствуваме на директно потпишување на договор каде што врз еднакви бази учествуваат двете страни.“-изјави Лоренс Оер-амбасадорка на Франција во Р.М

Инаку потпишувањето на овој договор е во рамките на целокупната соработка на Република Македонија со регионот на Долна Нормандија, а договорот претставува само конкретизација на истата. Соработката трае веќе шест години, а во моментот се наоѓаат во фаза на планирање на следните тригодишни активности.

{loadposition content9}